Според скопскиот градоначалник, нејзината обнова не значи само реконструкција на една зграда, туку враќање на еден важен дел од душата на Скопје. Овој објект, како што рече, ќе биде репрезентативен за градот и за државата, симбол од постземјотресниот период кој буди емоции кај сите скопјани
На новинарско прашање дали ќе остане автентичниот изглед на Универзалната сала, министерот за култура рече дека се задржуваат структурата и ликот на стариот објект, но оти се направени дополнителни измени во делот на влезот и на сценската технологија и хидраулика, а најголем дел од нив е звучната изолација на самата купола
На новинарско прашање дали на објектот се гарантира безбедноста во поглед на пожари, министерот за култура рече дека се направени неколку испитувања во однос на ова прашање, од кои првите две се нарачани од самиот изведувач, а потоа уште едно, и според резултатот, нема никаква опасност врз челичната конструкција.
Со почетокот на реконструкцијата и модернизацијата на Универзалната сала, Скопје по долгогодишен застој конечно влегува во реализација на еден од најзначајните културни проекти. Објектот се очекува да биде целосно завршен до крајот на 2027 година.
Проектот, вреден околу 20 милиони евра, ќе го реализира Владата преку Министерството за култура и туризам, по принципот „клуч на рака“.

На почетокот на градежните работи на Универзалната сала денеска увид извршија министерот за култура и туризам Зоран Љутков, премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изрази благодарност до Владата, премиерот и Министерството за култура за, како што рече, ангажманот околу започнувањето на изградбата на Универзалната сала во Скопје.
Според него, во минатото имало само декларативни најави, без конкретна реализација, додека сега започнува реален процес на обнова на објектот.
„Премногу време овој процес беше закочен, премногу време стоеше во место, а скопјани останаа без еден од најпрепознатливите симболи на градот. Универзалната сала е спомен на солидарноста, на пријателството и на човечноста, изградена по разорниот земјотрес како доказ дека Скопје никогаш не било само и дека секогаш знаело да се издигне“,
рече тој.
Скопскиот градоначалник посочи дека Универзалната сала е дел од колективната меморија на нашиот град.
„Тука се одржувале концерти, фестивали, претстави и настани кои оставиле трага во животот на многу генерации.
вели Ѓорѓиевски.
Речиси секој скопјанец има свој спомен поврзан со ова место. Затоа нејзината обнова не значи само реконструкција на една зграда, туку враќање на еден важен дел од душата на Скопје. Овој објект ќе биде репрезентативен за градот и државата, симбол од постземјотресниот период кој буди емоции кај сите скопјани“,
Реализацијата на проектот, додаде, ја води Владата преку Министерството за култура и туризам, а Град Скопје ќе ја преземе Универзалната сала по нејзиното завршување, при што ќе обезбедува логистичка поддршка во текот на изградбата.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков изјави дека Универзалната сала ќе биде завршена до крајот на 2027 година и ќе биде еден од клучните објекти во рамките на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
„По години чекање, Скопје конечно добива современ културен дом каков што заслужува. Проектот ќе се реализира по принципот ‘клуч на рака’, што значи целосна изведба и подготвеност за користење“,
рече Љутков.
Според него, претходно постоеле правни и административни пречки, како и нејаснотии околу надлежностите меѓу Град Скопје и Министерството за култура, но дека тие сега се надминати и проектот влегува во фаза на реализација.
На новинарско прашање дали на објектот се гарантира безбедноста во поглед на пожари, Љутков рече дека се направени неколку испитувања во однос на ова прашање, од кои првите две се нарачани од самиот изведувач, а потоа уште едно, а резултатот вели дека нема никаква опасност врз челичната конструкција.
„Останува истата челична конструкција, која се покажа дека после пожарот не е оштетена“,
додаде министерот.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува објектот да биде завршен во предвидениот рок и во рамките на планираниот буџет, нагласувајќи дека Универзалната сала е еден од клучните објекти што треба да бидат финализирани пред 2028 година.
„Според она што го видов и што го презентираше проектантот, ќе биде навистина прекрасно дело. Па ајде да не зборуваме, што се вели, пред време, да го завршиме и потоа сите заедно да се радуваме и уживаме во културните настани коишто тука ќе се организираат“,
кажа премиерот.
За потсетување, во Универзалната сала избувна пожар во април 2024 година, само еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција.
Почна да се реновира на крајот на мандатот на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.
Со доаѓањето на ексградоначалничката Данела Арсовска работите се стопираа за околу две години.
Потоа, со одлука на Владата, додека министерка за култура беше Бисера Костадиновска-Стојчевска, ресорното Министерство ја презеде салата од Град Скопје и се продолжи со реконструкцијата, која потоа беше стопирана од пожарот.
