Од Сојузот на синдикатите, на солидарност, односно да излезат на протест ги повикуваат и работниците чии синдикати веќе се изборија за покачување на работничките плати
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) вчера преку соопштение, а денеска и преку видео на социјалните мрежи повика на протест в петок по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.

Протестот, кој ќе се започне во 11 часот пред зградата на на ССМ, односно Работничкиот дом, оваа година ќе биде под мотото „За плата се бориме, не се молиме“.
„На 1 Мај сите заедно да излеземе на протест“,
велат членови на синдикални организации во видеоповикот објавен на фејсбук-профилот на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Оттаму, во претходната објава, велат дека работничката борба не е само еден протест, еден штрајк или една блокада, туку континуирана борба на работниците и синдикатите за зачувување и унапредување на работничките права.
„1 Мај, Меѓународниот ден на трудот е денот кога протестите и демонстрациите се должност кон работничката борба во минатото и обврска кон работничката борба во иднина. Сојузот на синдикатите на Македонија од 2018 година, секоја година организира масовен работнички протест на 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот. Осма година по ред на 1 Мај со почеток во 11 часот од пред Работничкиот дом во Скопје започнува протест, оваа година под мотото ‘За плата се бориме, не се молиме’“,
се вели во објавата на ССМ.
Од Сојузот на синдикатите, на солидарност, односно да излезат на протест ги повикуваат и работниците чии синдикати веќе се изборија за покачување на работничките плати.
„Работничката солидарност не смее да има граници, денес се бориме за оние со најниски плати, утре за сите нас. Затоа, на 1 Мај да бидеме солидарни, гласни, обединети и одлучни! Повикуваме на протест, повикуваме да застанеме рамо до рамо со своите колешки и колеги и покажеме дека работничкиот глас не може да се игнорира. Работниците во Македонија заслужуваат повисоки плати! Македонија за повисоки плати!“,
се вели во повикот.
На крајот од објавата се наведени Синдикат на УПОЗ; Синдикат за градежништво – СГИП; Независен синдикат за образование и наука; Синдикат на културата на Република Македонија; Синдикат на работниците од трговијата – СРТ; Синдикат на Медиумски Информативни Агенции – СМИА; Македонски полициски синдикат; СИЕР Макеоднија; Агро-Синдикат; Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита; Синдикатот на хемија, неметали и метали на Македонија (СХНМ); Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на РМ (СТКЧ); Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на РМ (СУТКОЗ); Синдикатот на работниците од сообраќај и врски на РМ (СРСВМ); Синдикатот на поштенските и телекомуникациските работници на Македонија (СПТРМ); Синдикатот на финансиските дејности на Македонија (СФДМ); Синдикат за слободно дејствување на Македонија (ССДМ) и Синдикатот на Поштенски и Телекомуникациски оператори на Македонија (СПТОМ).
Инаку, Сојузот на синдикатите на Македонија на 14 март годинава одржа протест на кој го изнесоа своето барање за зголемување на минималната плата од 600 евра и зголемување на сите работнички плати за 6 000 денари.
Тогашниот протест, исто така, почна пред Работничкиот дом во Скопје, продолжи пред Собранието, а заврши пред зградата на Владата.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, пред зградата на Владата рече дека работници биле спречени да дојдат на протестот поради закани, порачувајќи дека, и покрај тоа, не се плашат и оти ќе дојдат повторно.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ протестот на 14 март го оценија како „заедничка парада“ на опозицискиот СДСМ и ССМ, со која ги лажат работниците дека се залагаат за повисоки плати.
