Кузеска посочи дека насилниот упад во Собранието бил организиран обид за државен удар, зад кој стоеле ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот партиски лидер Никола Груевски. Потсети на сцените од насилството во законодавниот дом, кога беа нападнати пратеници, новинари и собраниски службеници, оценувајќи дека целта била уривање на уставниот поредок
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска посочија дека девет години по насилниот упад во Собранието на 27 април, државата повторно се соочува со истите опасни тенденции што доведоа до еден од најцрните денови во македонската демократија.
На денешната прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, оцени дека 27 април останува крвав потсетник за тоа колку брзо една криминална и недемократска власт може да ја доведе државата до институционален и политички колапс.

„27 април е тежок, крвав потсетник колку лесно една криминална, недемократска власт може да ја втурне државата во провалија. Девет години од крвавиот 27 април, најцрниот ден во историјата на македонската демократија“,
рече таа.
Кузеска посочи дека насилниот упад во Собранието бил организиран обид за државен удар, зад кој стоеле ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот партиски лидер Никола Груевски. Потсети на сцените од насилството во законодавниот дом, кога беа нападнати пратеници, новинари и собраниски службеници, оценувајќи дека целта била уривање на уставниот поредок.
„Тоа беше организиран обид за државен удар, во режија на ВМРО и Никола Груевски. Во Собранието влегоа насилници со јасна намера – да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени, да го урнат уставниот поредок. Сликите од тој ден се врежани и после девет години: крвави лица на пратеници, дупнати глави, напади со шипки и столици, влечење, дивеење и уништување во храмот на демократијата“,
кажа Кузеска на прес-конференцијата.
Според неа, актуелниот премиер Христијан Мицкоски и самиот бил дел од настаните на 27 април, посочувајќи дека тој ден бил пред Собранието, а денес, како што рече, ја предводи истата политичка структура која повторно ја турка државата кон заробен систем.
Посочи и дека наместо целосна правда за 27 април, сега се прават обиди за рехабилитација на осудените за насилствата, односно дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, осудени лица за 27 април се ослободуваат со политички одлуки, додека истите мрежи и поединци повторно добиваат јавен и политички простор.
„По доаѓањето на ВМРО-ОКГ на власт, осудени лица за 27 април се пуштаат од затвор со само еден потпис. Истовремено, истите луѓе и истите мрежи повторно се активираат. Бетмен Велит, обвинет за 27 април, денес заедно со Латас се носителите на антиевропската кампања и нападите врз СДСМ преку Орбановата мрежа на медиуми. Јане Ченто држи прес-конференции и се заканува со тужби. Контроверзниот разузнавач Горан Живаљевиќ, човекот кој беше во Собранието на денот на нападот, останува симбол на странското влијание во тие настани и на БИА. Повторно слушаме и за Сашо Мијалков и Никола Груевски. Денеска истата екипа. Истата банда. Истата криминална матрица. Истите луѓе, истите методи, истата агенда“,
рече таа.
На прес-конференцијата, таа истакна дека под водство на премиерот Мицкоски повторно се воспоставува систем на заробени институции, политички контролирани судии и обвинители, медиумски притисоци и јавен линч врз опозицијата.
„Ништо не е сменето во ВМРО-ОКГ. Тоа е истата структура која сака повторно да гази врз слободата и демократијата, да се пресметува со неистомисленици и да шири омраза и поделби меѓу граѓаните. 27 април не е само потсетник, туку опомена што се случува кога државата ќе биде заробена“,
порача Кузеска, додавајќи дека СДСМ нема да дозволи враќање на насилството, стравот и политичката репресија.
