Повикувајќи се на изјавата на Вајц, од опозициската партија велат дека ризикот од неспроведувањето на реформската агенда е губење европски пари, за кои европратеникот рече дека наместо во Македонија, ќе одат кај други земји
По изјавата на европратеникот и известувач за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, дека во последната година земјава нема постигнато никаков напредок во спроведувањето на реформите, од опозицискиот СДСМ велат дека ова е она за што предупредуваат месеци наназад.

„Со Мицкоски нема напредок, нема реформи, со директна оценка дека ‘во последната година не видовме никаков напредок’. Вајц експлицитно вели дека не гледа сериозна посветеност на Владата за реформи, особено во владеење на правото. И клучен и најголем проблем: корупција и нефункционално судство“,
велат од опозициската партија.
Повикувајќи се на изјавата на Вајц, од СДСМ велат дека ризикот од неспроведувањето на реформската агенда е губење европски пари, за кои европратеникот рече дека наместо во Македонија, ќе одат кај други земји.
Известувачот за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во интервју за „Еуроњуз Бугарија“ изјави дека во последната година земјава нема постигнато никаков напредок во спроведувањето на реформите. Тој повтори дека впишувањето на малцинствата, меѓу кои и Бугарите, во македонскиот Устав е неопходен чекор и услов за откочување на преговорите за членство во ЕУ, но за да започнат вистинските преговори, како што рече, владата мора да ги спроведе реформите.
