Oд Иницијативниот одбор за вонреден конгрес посочуваат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, наместо да даде отчет, ги навредува и оние што го гласаа на чело на партијата во 2017 година
Иницијативниот одбор за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, со сличен тон, му одговори денеска на партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој вчера им порача дека се „заробеници и слуги на Зоран Заев“.
Од ИО за вонреден конгрес посочуваат дека Мицкоски, наместо да даде отчет, ги навредува и оние кои го гласаа за лидер во 2017 година.
„’Заробеници’, ‘слуги’, ‘гадење’, ‘криминални обиди’, ‘стопан Заев’… се само дел од епитетите со кои Мицкоски вчера ги навредуваше делегатите што го избраа и му доверија партија од 150 000 членови. Нивниот единствен грев е тоа што тие очекуваат од човекот што го избрале да им објасни дали партијата ја водел успешно или не? Дали смета дека имал успеси или порази? Нивниот грев е тоа што бараат објаснување дали власта била толку добра или Мицкоски бил лош за да победи на избори? Наместо одговори и отчет пред оние што го избрале, Мицкоски возвраќа со навреди кои се срам за секој чесен член на партијата. Недоличниот вокабулар на Мицкоски и заканите што ги упатува ги препознаваат и граѓаните и меѓународната заедница. Затоа Мицкоски е изолиран“,
се наведува во реакцијата на Иницијативниот одбор.
Од ИО оценуваат дека Мицкоски нема капацитет да ја води партијата, што, како што велат, резултира со видлива несигурност и немир, кои предизвикуваат панични реакции на ароганција, гнев и навреди кон сите оние што се охрабруваат да ја кажат вистината што ја гледа целата јавност.
„Вистината е дека Мицкоски е неспособен да ги привлече симпатиите на граѓаните и служи само како спаринг-партнер во изборните победи на власта. Партиските членови и граѓаните ја препознаваат ароганцијата со која ја прикрива сопствената несигурност и со тоа ја влече партијата надолу. Затоа Мицкоски бега од соочување со одговорноста. Затоа на Мицкоски му е неопходно членка на Централниот комитет на последната седница да бара збор за дискусија и да му кажува ‘насмејте се претседателе’“,
се наведува во реакцијата на ИО за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.