Греј ќе биде обвинет за убиствата на 14-годишниот Мејсон Шермерхорн, 14-годишниот Кристијан Ангуло, Ричард Аспинвол (39) и Кристина Ирими (53)
Напаѓачот кој вчера со огнено оружје уби двајца ученици и двајца професори, а рани уште девет други во средно училиште во американската држава Џорџија е четиринаесетгодишен ученик од тоа училиште, соопштија властите. Тој пукал со автоматска пушка која наликува на пушка АР-15.
Осомничениот е идентификуван како Колт Греј, 14-годишен ученик во училиштето Апалачи во Виндер. Тој е во притвор и ќе му се суди како на возрасен, изјави Крис Хосеј, директор на Бирото за истраги во Џорџија.
Греј ќе биде обвинет за убиствата на 14-годишниот Мејсон Шермерхорн, 14-годишниот Кристијан Ангуло, Ричард Аспинвол (39) и Кристина Ирими (53). Аспинвол и Ирими предавале математика, а Аспинвол истовремено бил и помошник-фудбалски тренер. Девет други жртви, осум ученици и еден наставник, се пренесени во болниците.
„Она што го гледаме е зло“,
рече шерифот Џад Смит за време на кратката прес-конференција на теренот на училиштето.
Тој додаде дека неговите заменици брзо реагирале на пукањето откако одделот на шерифот добил повик за напад во училиштето околу 10:20 часот.
По пристигнувањето на полицијата момчето веднаш се предало, изјавил Смит. Училиштето кое се наоѓа на околу 80 километри североисточно од Атланта, го посетуваат речиси 1 900 ученици.
Полицијата го испрашала лани поради онлајн закани дека ќе го нападне училиштето
Греј минатата година бил испрашуван од полицијата за анонимни онлајн закани, соопшти ФБИ. Во мај 2023 година, момчето негирало дека стои зад објавите на интернет кои содржеле фотографии од оружје и закани дека ќе пука во училиштето.
Во соопштението, од ФБИ навеле дека нивниот Национален оперативен центар за закани ги предупредил локалните органи за спроведување на законот во мај 2023 година, откако добил анонимни дојави за „онлајн закани за напад на училиште“.
Полицајците разговарале со момчето и неговиот татко, кој изјавил дека имало ловечки пушки во домот, но момчето немало пристап до оружјето без надзор, соопштиле од ФБИ.
„Во тоа време, немаше причина да се изврши апсење или да се преземат дополнителни дејствија на локално, државно или федерално ниво“,
се вели во соопштението на ФБИ.
Училиштата во округот Бароу ќе бидат затворени до крајот на неделата.
Белата куќа преку соопштението рече дека претседателот Џозеф Бајден е известен за пукањето и дека неговата администрација ќе остане во контакт со федералните, државните и локалните власти за повеќе информации.