Четири бетонски столба и градежен шут, е денешната слика пред трговскиот центар „Мавровка“ откако претходните три дена се рушеше објектот кој никна на местото на изгорената тераса од кафулето „Фонтана“.
Двата багери денеска ги нема, а објектот е срамнет со земја. Останати се само четирите крајни столба.
Уривањето започна во средата, откако ден претходно владата одлучи да им препорача на Општина Чаир и Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта да склучат договор и да се почне со отстранување на дивоградбата.
Со почетокот на уривање, Основното јавно обвинителство – Скопје започна и истрага за бесправно градење.
Сопственикот на објектот Мевљудин Алити, пак, излезе во јавноста и тврдеше дека платил комуналии и имал одобрение за обнова на локалот кој изгоре во пожар во мај, како и дека не станува збор за дивоградба.
Градските власти, пак, рекоа дека не е точно оти е легализиран целиот објект, туку тоа е направено само за делот кој се наоѓа во сутерен, додека горниот дел не е легализиран.