Јужнокорејската војска соопшти дека ракетата „Хјунму-2“ паднала набргу по лансирањето. Тоа, како што пишува Ројтерс, предизвикало пожар од запаленото ракетно гориво, но никој не бил повреден
Ракетните вежби на Јужна Кореја и САД следуваат откако нуклеарно вооружената Северна Кореја еден ден претходно тестираше балистичка ракета со среден дострел
Јужнокорејската и американската војска спроведоа ракетни вежби при што истрелаа неколку ракети со краток дострел во морето како одговор на севернокорејското лансирање на балистичка ракета над Јапонија, соопшти началникот на Генералштабот на Јужна Кореја, пишува Ројтерс.
Јужнокорејската војска соопшти дека ракетата „Хјунму-2“ паднала набргу по лансирањето. Тоа, како што пишува Ројтерс, предизвикало пожар од запаленото ракетно гориво, но никој не бил повреден.
Набргу потоа војската на Јужна Кореја се извини што ги вознемирила жителите за неуспешното лансирање на ракетата за време на заедничката вежба со САД.
Нуклеарно вооружената Северна Кореја ден претходно тестираше балистичка ракета со среден дострел.
Истреланата балистичка ракета над Јапонија патувала околу 4 500 километри пред да падне во Тихиот Океан, што е доволно растојание за ракетата да може да го погоди американскиот остров Гуам доколку биле лансирана по друга траекторија.
Американскиот претседател Џо Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида најостро го осудија тестот на Северна Кореја, а американската војска и нејзините сојузници ги засилија демонстрациите на сила.
Европската Унија го осуди истрелувањето на ракетата, нарекувајќи го неоправдана агресија, а генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го осуди лансирањето и рече дека тоа е кршење на резолуциите на Советот за безбедност.
Ниту владата на Северна Кореја, ниту нејзините државни медиуми не објавија за лансирањето за ракетата, ниту открија каков тип на ракета бил користен.
Истрелот ја зголеми загриженоста дека Северна Кореја наскоро може да изврши очекувана нуклеарна проба, која би била прва од 2017 година.