Од вечерашниот протест во Охрид, Ѓорѓија Сајкоски испрати порака дека „историјата не се решава со два потписи“
Остро се спротивставуваме на договорот со Бугарија и укажуваме дека веднаш треба да се прекине, изјави на вечерашниот протест во Охрид генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски.
„Историјата не може да биде прашање за кое ќе се договараат двајца лидери на две држави. Историјата не се решава со два потписи. Суверинитетот на една држава се добива со признавање на другите држави. Ние сме признаена држава, меѓу другото и од Бугарија. Ама со добивањето на суверенитетот се добива и внатрешното уредување. Ние самите можеме да одлучиме за јазикот, може да одлучиме за историјата, за какви учебници во образование ќе имаме“,
рече Сајкоски.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ, освен во Охрид, вечерва протестира уште во шест градови во земјата.

„Сакаме да порачаме до Заев и актуелната власт дека борбата, жртвите, идентитетот и континуитетот на постоење на македонскиот народ не можат да бидат предмет на разговори и договори“,
изјави Сајкоски во Охрид.
Од фотографиите од опозициските протести низ градовите во внатрешноста може да се забележи дека, и покрај мерките за заштита од ковид – 19, има собирања на поголеми групи приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, односно дека не се протестира само со автомобили.

За утре е најавен протест со автомобили во Скопје.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски , пак, денеска апелираше оние што протестираат да ги почитуваат мерките.
