Учениците од скопските средни училишта „Јосип Броз Тито“, „Никола Карев“, „Орце Николов“ и „Михајло Пупин“ во моментов се евакуираат од училишната зграда поради дојава за бомба, јавуваат читатели на „360 степени“.

Информацијата ја потврдија од МВР од каде што информираат дека станува збор за дојави за бомби во шест училишта.
„Денеска (02.11.2022) во СВР Скопје околу 14.30 часот е пријавено дека на електронските адреси на шест училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
велат од МВР.

Минатите две недели имаше неколку дојави за бомби во средните училишта во Скопје и за сите се утврди дека биле лажни. Како што информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пораките за наводно поставени бомби биле пуштени од странство.
„Пораките се пуштени од надвор од државата. Имаме сериозни индиции за тоа како се одвива целиот тој процес и во тој дел навистина работиме максимално посветено, со помош на нашите партнери, се со цел да ги прекинеме овие монструозни чинови кои предизвикуваат вознемиреност кај граѓаните“,
кажа Спасовски.
Министерството за образование и наука (МОН) ги осуди лажните дојави за бомби и упати апел до училишните раководства да го подигнат нивото на безбедност вo училиштата и да продолжат со организација на воспитно–образовниот процес.