Можеби токму сличниот релјеф, главно планински, кој го делат С Македонија и Швајцарија, е причината зад Програмата за зачувување на природата во изминатите 12 години да застане Швајцарската агенција за развој и соработка, несебично делејќи ги позитивните искуства и практики од матичната земја
На вчерашниот завршен настан во рамки на 12-годишниот проект беа презентирани дел од резултатите на програмата која има за цел да ѝ помогне на државата во зачувување на биодиверзитетот и природните екосистеми со кои располага, преку нивно одржливо користење и управување
Црцор на птици под отворено ведро небо, зеленило и десетици вљубеници и непрестајни истражувачи на природата собрани на едно место. Вака би изгледало некое од современите бегства од градскиот асфалт, во дел од природата на ова мало парче земја. Но, во современи услови, ова, помалку или повеќе, беше атмосферата што вчеравечер, во центарот на главниот град, можеше да се доживее во просториите на Националната опера и балет. Не како придружен дел од балетска или оперска точка, туку во рамки на завршниот настан на повеќе од еднодецениската Програма за заштита на природата, чија цел беше токму тоа – славење на природното богатство во земјава.
Понекогаш се чини дека од дрвото не ја гледаме шумата – беше дел од излагањето на еден од учесниците во Програмата, кој ги почувствувал благодатите на овој проект во изминатите години.
Сепак, генералниот впечаток е дека и сите ние што живееме на оваа почва, помалку или повеќе, сме „заслепени“ од брзото темпо што го диктира секојдневието на градскиот живот не вртејќи го погледот настрана кон природата и не бивајќи свесни што вистински таа може да понуди.
За да се оддалечиме чекор наназад и да ја видиме „шумата“, неретко е добредојдено искуството на земјите кои негуваат одржливи практики, особено за зачувување на природните ресурси.
Швајцарски практики на македонска почва
Таков е случајот со Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија која има за цел да ѝ помогне на државата во зачувување на големиот биодиверзитет и природните екосистеми со кои таа располага, преку нивно одржливо користење и управување. Можеби токму сличниот релјеф, главно планински, кој го делат С Македонија и Швајцарија, е причината зад проектот во изминатите 12 години да застане Швајцарската агенција за развој и соработка, несебично делејќи ги позитивните искуства и практики од матичната земја.
Во своето обраќање на синоќешниот завршен настан од програмата, швајцарската амбасадорка Вероник Улман порача дека Швајцарија е длабоко посветена на заштитата на животната средина ценејќи ги природните убавини на Северна Македонија. Како значајно го истакна тоа што земјава е дом на над 70 отсто од европскиот биодиверзитет, а истовремено зафаќа само 0,5 проценти од територијата на Европа.
„Овој биодиверзитет е во голема мера концентриран во Брегалничкиот Регион, кој е покриен со прекрасни шуми и специјални видови. Швајцарската експертиза и добрите практики беа употребени и вметнати во програмата и, всушност, беа дел од почетокот на соработката со С Македонија, но ги употребивме и во текот на оваа програма која почна пред 12 години. Дванаесет години подоцна, сведочиме за резултатот што се постигна со програмата и го славиме нејзиниот успех“,
рече швајцарската амбасадорка.
Придобивки од национално до локално ниво
Од 2012 година до денес, колку што и трае животниот век на проектот, од него се родени низа активности на национално, регионално и локално ниво, а благодатите од ваквиот холистички пристап, пред сè, се забележливи во Брегалничкиот Регион кој е во главниот фокус на програмата.
Од особен успех, кој во голема мера може да ѝ се припише на поддршката на Швајцарија, е прогласувањето на дел од Осоговските Планини и Малешево за заштитени подрачја во категоријата заштитен предел, како и изработката и спроведувањето на планот за нивно управување. Улогата на управувач на овие, сега веќе заштитени предели, ја презема Јавното претпријатие „Национални шуми“, притоа фокусирајќи се на интегрирано управување со шумите.
„Осогово и Малешево се сега заштитени подрачја, иако на почетокот малкумина веруваа во тоа. Не беше воопшто лесно, се соочувавме со низа предизвици, но со заеднички сили, на крајот, сепак, успеавме. Следејќи ги швајцарските искуства, програмата работеше на промена на ставот дека зачувувањето на природата и прогласувањето на заштитените подрачја не води кон стопирање на локалниот економски развој. Напротив – зачуваната природа и нејзиното правилно користење води кон одржлив развој од кој најголемите придобивки ќе ги добие локалното население на долгорочна основа“,
изјави Маријана Шушлевска, лидер на тимот на Програмата за зачувување на природата во С Македонија на синоќешниот настан.
Дека заштитата и заработката од природата може да одат рака под рака само ако мудро се користат нејзините ресурси, се потврдува и низ приказните на локалното население кое преку едукативен пристап низ програмата се стекнало со вештини и знаења во полето на одржливиот развој.
„Порано шумата ја гледавме како дрво од кое имаме економски ресурс. Но, од дрвото не ја гледавме шумата.“
Ова вчера го изјави Орце Димитров, вработен во ЈП „Национални шуми“ во делот за управување со заштитените Осоговски Планини споделувајќи го своето лично искуство од програмата.
„Поддршката од програмата ни овозможи да ги согледаме сите вредности на една шума. Видовме дека шумата е дом на многу живи организми, ги научивме нивните живеалишта, ги согледавме нивните можности за нивни социолошки, еколошки и други културолошки вредности. Научивме како да ја чуваме шумата“,
изјави Орце Димитров велејќи дека покрај едукативно програмата им помогнала и административно и технички.
На национално ниво програмата ја поддржа изработката на Националната стратегија за заштита на природата, а по првпат во државата систематски се воведе концептот за екосистемски услуги како алатка за носење одржливи решенија и можност за финансирање на заштитените подрачја.
„Да ги користиме резултатите од оваа програма бидејќи можеме да научиме многу од нив, но и тие што доаѓаат после нас треба да научат нешто бидејќи кога ќе спроведете вакво нешто во рамките на 12 години и кога ќе ја дадете душата во една ваква програма вреди да се почитува и да се учи од неа“,
изјави министерката за животна средина во оставка, Каја Шукова, на вчерашниот настан и изрази очекување дека ова нема да биде единствената програма за заштита на природата во земјава со поддршка на Швајцарија.
Раѓањето на „Медена земја“
Сепак, најголемото медиумско внимание, во чија основа лежи токму овој проект, доби македонскиот документарен филм „Медена земја“, кој го следи животот на Атиџе Муратова – последната одгледувачка на диви пчели во Европа. Нејзиното правило „половина за пчелите, половина за мене“ беше и остана главната порака оти животот во хармонија со природата сега е потребен повеќе од кога било.
Филмот е роден во рамки на проектот поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка. Од првичната идеја за промотивно видео со фокус на одржливи практики во пчеларството, се раѓа документарецот кој со својата силна еколошка порака доби низа позитивни критики ширум светот и освои многубројни награди и признанија и стана првиот филм во македонската кинематографија со две номинации за „Оскар“.
Одржливото пчеларство со кое се занимава и самата Атиџе од „Медена земја“ е еден од аспектите кои ги промовира програмата. Локалното население кое има интерес во областа преку обуки стекнува знаење за одржливо пчеларство кое подразбира разумно управување на пчелните семејства.
Ова се само дел од резултатите постигнати во последните 12 години во рамки на Програмата за зачувување на природата на Швајцарската агенција за развој и соработка која има за цел да ја придвижи земјава кон осварување на барањата на Натура 2000 – најголемата управувана мрежа на заштитени подрачја во светот воспоставена од ЕУ.
„Програмата завршува, но грижата за природата и бериќетот остануваат.“