Оттаму велат дека граѓаните не сакаат нови шоуа и теории на заговор, туку очекуваат јасен одговор од институциите дали документите за екстрадиција на Никола Груевски се испратени или не
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска преку соопштение упатија критики до премиерот Христијан Мицкоски, министерот за правда Игор Филков и градоначалникот на Општина Куманово и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, обвинувајќи ги дека ја дефокусираат јавноста од Реформската агенда со секојдневни бесмислени кампањи, наместо да ги испратат документите за екстрадиција на експремиерот и бегалец во Унгарија, Никола Груевски.

„Време е, откако признавте дека НАТО е феноменален, дека Преспанскиот договор е ‘ремек-дело на дипломатијата‘, дека јазикот, културата и македонскиот национален идентитет се апсолвирани и заштитени, прво да им се извините на граѓаните, а потоа да ги испратите документите за екстрадиција на Груевски. Наместо да го трошите времето на граѓаните со секојдневен дефокус, покренете ја постапката за најголемиот криминалец и бегалец на Македонија“,
се вели во соопштението од опозициската СДСМ:
Оттаму велат дека граѓаните не сакаат нови шоуа и теории на заговор, туку очекуваат јасен одговор од институциите дали документите за екстрадиција на Никола Груевски се испратени или не.
„Дали документите за екстрадиција на Груевски се испратени или не?“,
прашуваат од партијата.
Од партијата упатија порака за спроведување реформи и продолжување на европскиот пат на државата.
СДСМ и ЗНАМ денеска разменија обвинувања дека нивните лидери поседуваат фирми во Бугарија.
СДСМ денеска соопшти дека градоначалникот на Општина Куманово и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, се претставува како антикорупционер и голем Македонец, а има сопственички удел во фирмата „МБС глобал“-Бугарија.
Од Движењето ЗНАМ, пак, велат дека јавноста сè уште нема одговор од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и семејството Заеви во врска со компаниите што ги имаат основано во Бугарија. Оттаму прашаа колкав е капиталот и имотот што го поседуваат во соседната држава.
