Во обраќањето, таа рече дека во 2025 година вкупната трговска размена меѓу Македонија и Словенија изнесувала околу 279 милиони евра, оценувајќи дека постои простор за нејзино значително зголемување. Целта на достигнување во меѓусебната трговија, според неа, треба да биде 500 милиони евра, со оглед дека двете земји ги поврзуваат долгорочни економски врски, доверба и заедничка деловна култура
Претседателката ги наведе и четирите стратешки приоритети на државата, како енергетско поврзување преку гасни интерконектори со Грција и Србија, модернизација на Коридорите 8 и 10, развој на дигиталната поврзаност и продолжување на европските реформи
Словенија е еден од нашите најдоследни поддржувачи на патот кон Европската Унија и петти најголем инвеститор во земјата, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето пред присутните на средбата на Македонско-словенечкиот бизнис клуб во Љубљана.

Двете земји, како што посочи таа, ги карактеризира традиционално пријателство и длабока соработка во сите области, вклучително и во економијата. Токму тоа, според неа, не прави привлечни за словенечкиот капитал.
Посочи дека над 40 словенечки компании моментално се активни во нашите стратепки сектори.
„Станавте столбови на нашите банкарски и осигурителни пазари, а сега се пробивате и во енергетиката. Проектите на ГЕМ 1 и нивната работа со фотоволтаиците покажуваат дека словенечката експертиза ни помага во зелената транзиција“,
рече претседателката на средбата со претставници на македонски и словенечки компании.
Во обраќањето, таа рече дека во 2025 година вкупната трговска размена меѓу Македонија и Словенија изнесувала околу 279 милиони евра, оценувајќи дека постои простор за нејзино значително зголемување. Целта на достигнување во меѓусебната трговија, според неа, треба да биде 500 милиони евра, со оглед дека двете земји ги поврзуваат долгорочни економски врски, доверба и заедничка деловна култура.
„За македонските потрошувачи, словенечките не се странски производи, туку квалитетни брендови со кои пораснале. За словенечките компании, пак, македонските бизнисмени се посакувани партнери. Оваа доверба е нашата најголема предност и е социјален капитал којшто може да ја олесни работата на македонско-словенечкиот бизнис клуб“,
кажа таа.
На денешната средба во Љубљана претставници на македонски и словенечки компании споделија искуства и согледувања за економските текови во двете држави. Акцент ставија на дигиталната економија, осигурувањето и пензиските фондови, фармацијата, автомобилската индустрија, металургијата и други стопански дејности.
Ја посочи и македонската дијаспора во Словенија, која, како што додаде, може да има важна улога во економскиот развој на земјата.
Осврнувајќи се на глобалните економски предизвици, кажа дека Македонија се соочува со геоекономска фрагментација, енергетски кризи и ценовни шокови.
Претседателката ги наведе и четирите стратешки приоритети на државата, како енергетско поврзување преку гасни интерконектори со Грција и Србија, модернизација на Коридорите 8 и 10, развој на дигиталната поврзаност и продолжување на европските реформи.
„Вие, бизнис лидерите ни помагате на нашиот пат кон Европската Унија“,
рече Сиљановска-Давкова.
Претседателот на Македонско-словенечкиот бизнис клуб, Драган Шибанц, изјави дека со неговата ревитализација се создава функционална платформа за долгорочно поврзување на македонските и словенечките компании.
Според него, клубот функционира преку таргетирани бизнис-средби, поврзување компании по дејности и размена на знаење и искуства.
„Создадовме модел кој се темели на таргетирани бизнис средби, поврзување на компании по дејности, стратешки настани, како и пренос на знаење што води кон конкретна имплементација. Воедно, клубот го позиционираме и во поширок екосистем. Го поврзуваме со институции, бизнис клубови, деловни совети, мрежи и партнери во двете држави“,
рече тој на средбата со претседателката.
Во рамки на официјалната посета на Словенија, претседателката се сретна со претставници на македонската дијаспора во Љубљана, како и со членови на македонските културни друштва и црковни одбори. Таа утрово ја посети и Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ во Љубљана, каде присуствуваше на неделна богослужба.
За утре е предвидена официјална средба со претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, каде нашата претседателка ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести. Потоа, Сиљановска-Давкова ќе има средба и со претседателот на словенечкото Народно собрание, Зоран Стевановиќ.
Во вторник, македонската претседателка ќе одржи предавање на Правниот факултет во Љубљана на тема „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“.
