Министерот Муцунски на средбата со Рокас изразил уверување дека со силна заемна посветеност ќе успееме да обезбедиме одлучен напредок на патот кон реализацијата на нашата стратешка определба за идно членство во ЕУ
Новоименуваниот амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската Унија, Микалис Рокас, денеска ги предаде копиите од акредитивните писма на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
На средбата во Министерството, како што информираат оттаму, Муцунски истакнал дека дипломатската мисија на Рокас започнува во исклучително важен момент за европската иднина на земјата. Во таа смисла министерот Муцунски изразил уверување дека со силна заемна посветеност ќе успееме да обезбедиме одлучен напредок на патот кон реализацијата на нашата стратешка определба за идно членство во ЕУ.
„Министерот Муцунски го нагласи и задоволството од досегашната континуирана поддршка на Европската Унија за унапредување на реформските процеси, стабилноста и просперитетот на земјата, и ја потенцираше нашата подготвеност за натамошно продлабочување на меѓусебното партнерство засновано на заедничките вредности и интереси“,
се вели во соопштението од министерството.
На средбата била акцентирана и важноста од што поскора интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, а бил поздравен и неодамна донесениот План за раст за Западен Балкан како значаен политички и финансиски влог на ЕУ во регионот и дополнителен поттик за остварување на оваа заедничка цел.
Грчкиот дипломат Михалис Рокас е номиниран за нов амбасадор на Европската Унија и шеф на делегацијата на Унијата во С Македонија, со што на оваа функција ќе го замени актуелниот амбасадор Дејвид Гир.
Рокас во Северна Македонија доаѓа од Малезија, каде што бил на должноста амбасадор на ЕУ и шеф на Делегацијата на Унијата од декември 2020 година.