Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел номинирал нови 44 шефови на делегации на ЕУ за претстојната дипломатска ротација на делегациите на ЕУ ширум светот
Грчкиот дипломат Михалис Рокас е номиниран за нов амбасадор на Европската Унија и шеф на делегацијата на Унијата во С Македонија, со што на оваа функција ќе го замени актуелниот амбасадор Дејвид Гир, објави дипломатската служба на Европската Унија.
Рокас во моментов е амбасадор на ЕУ и шеф на Делегацијата на Унијата во Малезија, должност на која се наоѓа од декември 2020 година.
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел номинирал нови 44 шефови на делегации на ЕУ за претстојната дипломатска ротација на делегациите на ЕУ ширум светот.
Како што пишува на веб-страницата на дипломатската служба на ЕУ, процесот на назначување на номинираните ќе биде формализиран по добивањето на официјалното одобрение од соодветните земји домаќини.
„Михалис Рокас е номиниран за амбасадор на ЕУ во Северна Македонија. Во моментов ја извршува функцијата амбасадор на ЕУ во Малезија, а претходно бил шеф на Одделот за поддршка на делегациите во дипломатската служба на ЕУ“,
се вели во објавата.
Меѓу другите новоименувани евроамбасадори се и Лујџи Сорека во Босна и Херцеговина, Аиво Орав во Косово, Ханс Томас Осовски во Турција, Јохан Сатлер во Црна Гора и Мирослав Лајчак во Швајцарија.
Бившиот словенечки претседател Борут Пахор ќе го замени Словакот Мирослав Лајчак во улогата на специјален претставник за дијалогот помеѓу Косово и Србија.