Министерот за здравство Венко Филипче објави дека жената донор, со чии срце и бубрези беа спасени три човечки животи, е 40-годишната Јасмина, која имала 10-месечно бебе. Тој утрово се сретнал со нејзиното семејство на кое, како што вели, ќе му бидат поддршка кога и да треба да се помогне.

„Утрово се сретнав со семејството на 40-годишната Јасмина, жената донор на срце и бубрези, која спаси три човечки животи. Немам зборови со кои може да ја опишам големината и човечноста на семејството Василковски, кое во саботата во моменти на најголема болка, одлучи да ги донира нејзините органи. Јасмина беше мајка на 10-месечно бебе, посветена сопруга, добра сестра и снаа. Василковски се скромни луѓе, нивниот хуман и несебичен гест, никогаш нема да го заборавиме, остануваме поддршка и секогаш сме овде кога ќе треба да им се помогне“,
објави министерот Филипче.
По констатираната мозочна смрт, семејството на Јасмина одлучи да ги донира органите. Нејзиното срце почна да чука во градите на 39-годишна жена која според последните информации е во добра состојба.
„Состојбата на пациентката е добра и стабилна, сите параметри кои произлегуваат од анализите се добри, сите се во фаза на подобрување, очекувам дека денеска постепено може да се ослободува од респираторна машина“,
изјави денеска министерот.
На 44-годишен маж и 30-годишна жена, пак, им беа трансплантирани бубрезите и тие се во добра состојба.