Според Царината, граѓаните на РСМ и странците можат привремено да внесат и да управуваат возило на територијата на државата за време на нивниот престој, но најмногу шест месеци во период од една година, по што возилото мора да ја напушти територијата на Република Северна Македонија
Во дводневна заедничка акција на Секторот за контрола и истраги при Царинската управа и Министерството за внатрешни работи се запленети 22 патнички моторни возила со странски регистарски таблички управувани од македонски државјани, соопштија денеска од Царинската управа.
Оттаму велат дека против сторителите на прекршоците ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка до надлежниот суд.
„Запленетите возила се од различни марки, а меѓу нив четири се марка ’мерцедес’, три се марка ’ауди’, две се бе-ем-ве, а едно возило е од марката тесла и други. Сите возила биле управувани од македонски државјани на територија на државата повеќе од шест месеци“,
се вели во соопштението од Царината.
Според Царинската управа, а во согласниот со критериуми и условите пропишани во Истанбулската конвенција за привремен увоз, граѓаните на РСМ и странците можат привремено да внесат и да управуваат возило на територијата на државата за време на нивниот престој, но најмногу шест месеци во период од една година, по што возилото мора да ја напушти територијата на Република Северна Македонија.
Во спротивно, како што соопштија од Царинската управа, ќе треба да се пријават во најблиската царинска испостава во местото каде што привремено престојуваат и да започнат соодветна царинска постапка за увоз или привремен увоз на возилото.