Од Форум на жени упатија повик до сите жители на Охрид да се приклучат на протестот и заеднички да испратат јасна и гласна порака дека насилството, прикривањето и заштитата на насилниците мора да престанат и да следува одговорност

Утре во 18 часот пред Секторот за внатрешни работи Охрид ќе биде организиран протест во знак за поддршка на младата Сара, како и за сите жени жртви на насилство.
Протестот го организира Форум на жени на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) од каде велат дека ќе го изразат незадоволството од нефункционалните институции водени од ВМРО-ДПМНЕ кои ги штитат насилниците.
Од Форум на жени упатија повик до сите жители на Охрид да се приклучат на протестот и заеднички да испратат јасна и гласна порака дека насилството, прикривањето и заштитата на насилниците мора да престанат и да следува одговорност.
„Сара заслужува правда, сигурност и заштита, како и секоја жена. Не смее да има забошотување на насилството, одговорност мора да има без разлика на партиски, семејни и политички врски“,
се вели во соопштението со повик за протест.
Сметаат дека е доста со молк, неказнивост и заштита на насилниците.
„Да бидеме заедно, гласни и истрајни. Охрид мора да испрати порака дека насилството нема да помине“,
додаваат од Форумот на жени на СДСМ.
Повикот за протест доаѓа по вчерашниот настан во Охрид кога беше претепана 26-годишна девојка. СВР Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишниот К.К. за тешка телесна повреда, а судот му изрече мерки на претпазливост. Од СДСМ побараа заштита на претепаната девојка и одговорност за сите лица од ВМРО-ДПМНЕ кои, според партијата, се обиделе да го прикријат насилството.
Претходно и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ го осудија насилството, порачувајќи дека никој не е над законот и критикувајќи го Обвинителството за благите мерки, додека државниот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека интензивно се работи на расветлување на сите аспекти и се очекува исказот на оштетената.
