Од полицијата велат дека со него се врши службен разговор од страна на инспектори од криминалистичката полиција при СВР Битола

Приведен е 24-годишниот К.У., осомничен за семејно насилство врз неговата партнерка, а кој во саботата избега од прозорец во полициската станица во Битола, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Лицето, како што додаваат, е приведено откако сам им се предало на полициските службеници од СВР Битола.
„Денеска (16.11.2026) полициски службеници од СВР Битола, во координација со бранителот на лицето К.У.(24) и Основното јавно обвинителство Битола, презедоа мерки лицето доброволно да се предаде во СВР Битола. Во 12:00 часот, К.У. доброволно се предал и е лишен од слобода“,
се вели во соопштението до полицијата.
Оттаму велат дека со него се врши службен разговор од страна на инспектори од криминалистичката полиција при СВР Битола.
Против К.У., на 11.11.2026 година, е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела загрозување при семејно насилство по член 144 став 3 и телесна повреда при семејно насилство по член 130 став 2 од Кривичниот законик.
Од МВР велат дека се преземаат понатамошни мерки и активности во координација со надлежното Основно јавно обвинителство Битола.
Инаку, 21-годишна битолчанка на 10 ноември годинава пријавила дека нејзиниот партнер ја давел, ја удирал со тупаници и ѝ се заканувал дека ќе ја убие.
Пред полицијата раскажала дека насилството траело околу година и половина, но од страв досега не го пријавувала.
По пријавата, осомничениот доброволно дошол во полициската станица заедно со свој родител. Но, кога полицајците им кажале дека ќе биде задржан, избегал преку прозорец.
Мајката на девојката рече дека имаат и пораки од социјалните мрежи во кои, според неа, осомничениот постојано упатувал закани кон девојката и нејзиното семејство.
Во меѓувреме, девојката е сместена во шелтер-центар по процена на Центарот за социјални работи. На 13 ноември таа се појавила на судското рочиште, но пријавениот не дошол. Поради неуредна достава на поканата, рочиштето е презакажано за 18 ноември.
