Таа пренесува зборови што нејзината ќерка ги слушнала во момент кога се наоѓала во крајно беспомошна состојба, односно дека 31-годишниот насилник, додека нејзината ќерка била во бессознание, мислел дека е мртва и стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело. Мајката тврди дека таткото му давал насоки како да го направи тоа

Случајот со насилството во Охрид, каде 31-годишен маж ја претепа својата девојка и ја остави во бессознание на улица, предизвика огромен гнев и вознемиреност во јавноста. Додека повредената Сара сè уште се наоѓа во болница, нејзината мајка, Ирена Ѓорѓиеска, објави тврдења за случајот и за наводни обиди за заташкување на случајот.
Во својата објава на Фејсбук, мајката изразува загриженост и страв за безбедноста на нејзината ќерка, особено по информациите дека осомничениот бил пуштен на слобода.
„Дополнителна вознемиреност и страв предизвикува фактот што маминото синче кое е виновно за се ова синоќа бил пуштен на слобода, тој е син на Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), предложена на таа функција од ВМРО-ДПМНЕ, и на Гоце Корабоски, инспектор во УЈП, за кого се зборува дека има блиски релации со Мицкоски. Маминото синче постојано се фалело дека, без оглед на тоа што ќе се случи, неговите родители се доволно моќни за да средат сè“,
пишува Ѓорѓиеска во објавата.
Таа пренесува зборови што нејзината ќерка ги слушнала во момент кога се наоѓала во крајно беспомошна состојба, односно дека 31-годишниот насилник, додека нејзината ќерка била во бессознание, мислел дека е мртва и стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело. Мајката тврди дека таткото му давал насоки како да го направи тоа.
„Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“,
пишуваа таа додавајќи дека тоа се зборови што ќерка ѝ ги слушнала додека била во беспомошна состојба.
Таа додава и дека телефонот на девојката бил намерно искршен, со што ѝ била оневозможена можноста да повика помош и да побара спас.
Според неа, посебно загрижувачки се и постапките на лицата од неговото опкружување, кои одбивале да ја однесат во болница, иако таа самата ги молела за помош.
Наместо да покажат минимум човечност и да ѝ помогнат на повредена девојка, тие одбиле да реагираат. Уште пострашно е сведочењето дека во тој момент Кристијан побарал нож и сакал да ја „докрајчи““, пишува Ѓорѓиеска.
Во објавата се споменува и тетката на осомничениот, за која мајката тврди дека контактирала со болницата во која е сместена девојката, со цел да влијае врз медицинскиот извештај и да се ублажи сериозноста на повредите, како Сара да била само малку изгребана.
Во реакциите од сограѓаните на девојката се вели дека станува збор за мирна девојка, која „на мравка не гази“, прибрана, културна, работлива.
Насилникот, пак, го опишуваат како „скриениот психопат“ кој навидум делуваше како мирен, повлечен и културен дечко кој цел живот спортува, а последната година работеше и како персонален тренер низ Охрид.
„Покажа лице кое сите кои го познаваа ги остаде во шок и неверување. Ни на крај памет не би го ставил во групата на потенцијални насилници врз понежната половина, се до денес. Се запрашувам со кој се јас секојдневно се поздравувам, комуницирам и делам исти воздух“, .
вели во објава Бобан Наумоски, тренер кој додава дека и двајцата ги познава како членови на теретаната во која работи.

Со објава се огласи и Владимир Тодоровски кој на својот профил на Инстаграм наведува дека е нутриционист и кој вели дека девојката ја познава од училишните денови и оти со неа ја делел клупата.
Тој прашува што ќе ја заштити девојката кога повторно ќе излезе на улица и дали ќе може да се движи низ градот без страв дека ќе го сретне човекот осомничен за нападот врз неа.

