Овој статистички податок го наведе премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на настанот по повод 22 години од формирањето на Управата за финансиска полиција што денеска се одржа во Клубот на пратеници, а во рамките на кој беше даден и отчет за сработеното од оваа институција

За девет месеци Управата за финансиска полиција поднела 36 кривични пријави, со кои е откриена штета или е утврдена противправна имотна корист од речиси 30 милиони евра.
Овој статистички податок го наведе премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на настанот по повод 22 години од формирањето на Управата за финансиска полиција што денеска се одржа во Клубот на пратеници, а во рамките на кој беше даден и отчет за сработеното од оваа институција.
Покрај премиерот и директорот на Финансиската полиција, Слободан Ивановски, на настанот присуствуваа и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, под чиј ресор е оваа институција, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Директорот Ивановски во своето обраќање рече дека изминатиот период успеале да реализираат големи случаи во кои биле направени милионски штети на буџетот и најави интензивирање на финансиските истраги чија цел ќе биде да ги вратат незаконски одземените пари назад кај граѓаните.
„Покрај криминалистичките истраги, водиме и финансиски истраги, коишто ќе ги следат парите, ќе го следат имотот и со тоа ќе ги вратиме назад во буџетот на граѓаните“,
рече Ивановски.
Премиерот, од своја страна, кажа дека тоа што Финансиската полиција за девет месеци открила криминали од 30 милиони евра е доказ дека за решеноста на Владата да го расчистува криминалот.
„Овие пријави не се обични бројки – зад нив се кријат конкретни злоупотреби и поединци кои мислеле дека државата е нивен имот. И во таа битка за правда нема партиска припадност нема етничка припадност. Правдата е слепа, но достижна. На сите кои ја злоупотребиле довербата – им порачуваме: Ќе одговарате. На сите кои чесно работат во институциите – им порачуваме: Продолжете храбро. Вие сте чувари на државата“,
рече премиерот.

Во изјава за медиумите пред почетокот на настанот, Мицкоски рече дека не сака да ги поздравува успешните резултати, туку посакува што помалку да има луѓе кои ќе ги злоупотребуваат народните пари.
Министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека Финансиската полиција е една од институциите што во период од една година испорачала сериозни резултати.
„Станува збор за поднесени кривични пријави за штети на буџетот од над една милијарда денари, што е навистина сериозен износ и не може да се споредува со ниту еден период од минатото“,
изјави Димитриеска-Кочоска.

Таа напомена дека Финансиска полиција е институција во која има врвни професионалци и експерти, кои можат да ги следат и текот на парите и целокупниот криминал.
„Очекувам во периодот којшто следи да се објавуваат и да се информира јавноста за уште многу нови предмети на коишто работи Финансиската полиција. Станува збор за една институција којашто навистина е многу мала со мал број на вработени, но со најголема тежина во државата, од аспект на работата којашто ја извршува. Очекувам дека и после една година, како министерка за финансии ќе бидам горда на оваа институција, како што сум и досега затоа што знам дека уште повеќе и неуморно ќе работат во насока на подобрување на наплатата на приходите. Нормално, на тој начин и испраќање на пораки до секој што сака да го злоупотреби системот, дека не може повеќе така и граѓаните да знаат дека со поголема контрола ќе обезбедиме и посериозни и поголеми приливи на буџетот“,
рече министерката за финансии.