Тие се осомничени за кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување, измама на штета на средства на Европската заедница, соизвршителство и несовесно работење
Финансиска полиција поднесе кривична пријава против директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова и уште против три лица, кои се осомничени дека причиниле штета во вкупен износ од 25.334.543,00 денари или околу 412 илјади евра, објави МИА.
Освен Димова, со кривичната пријава се опфатени и сопственикот на Друштвото за трговија и услуги „В.Е.З. трејд“, Зоран Златковски, А.Г., надворешен советник и А.П., благајник во Агенцијата за европски образовни програми и мобилност.
Тие се осомничени за кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување, измама на штета на средства на Европската заедница, соизвршителство и несовесно работење.
„Пријавените Л.Д. како директор на НАЕОПМ, З.З како управител и сопственик на Друштво за трговија и услуги увоз-извоз ‘В.Е.З. трејд“ ДООЕЛ Скопје, А.Г. како надворешен соработник и А. П. како благајник на НАЕОПМ причиниле штета од големи размери на доверените средства на Европската заедница во вкупен износ од 25.334.543,00 денари“,
соопшти Финансиската полиција.
Пред два дена и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, во интервју за ТВ 24, без да објави детали, рече дека за две дела се сомничи лично Димова, а за другите две со соучесници, за злоупотреба на службената положба и овластување.
Работата на Националната агенција и на Димова изминатиот период е во фокусот на јавноста откако се објавија новинарски написи за тоа на какви проекти се делеле пари.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, исто така, бараше оставка, а Димова, пак, на прес-конференција ги отфрли обвинувањата и порача дека нема да се повлече додека не се истражи проневера на 2,2 милиони евра од претходното раководство на Националната агенција.
- ВМРО-ДПМНЕ: Барањето оставка од Димова е театар, треба и кривична одговорност
- ВМРО-ДПМНЕ: Братот на пратеникот од СДСМ, Диме Велковски, добил пари за уште еден проект од агенцијата со која раководи Димова
- Димова не планира оставка, мило ѝ е што и ЕК ќе истражува дали има злоупотреби
Премиерот Зоран Заев пред една недела изјави дека ќе го поддржи предлогот за разрешување на директорката Димова, иницијатива која доаѓа од вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.