Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, вчера се ожени во Косово, каде што правеше и свадбена веселба
Функционерите треба да дадат сопствен пример за почитување на мерките кога бараме тоа да го прават граѓаните, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче како одговор на новинарско прашање да го коментира потегот на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, кој викендов направи свадбена церемонија во Косово.
„Сметам дека ние сите коишто сме посебно на функции треба да дадеме пример со сопственото однесување како треба да се прави. Не е работата да се направи трик. Точно е дека не се прекршени препораките и законите во нашата земја, меѓутоа ние сме првите, посебно функционерите, коишто треба да им покажеме на граѓаните како се почитуваат мерките, посебно што и од граѓаните го бараме сето тоа и кажуваме дека имаме проблем и со пациенти и со новодијагностицирани во болници токму таму каде што не се почитуваат мерките. Апсолутно го осудувам“,
рече министерот за здравство Филипче.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, вчера се ожени во Косово, каде што правеше и свадбена веселба, а според фотографиите објавени во некои медиуми, присутните не применувале никакви мерки за лична заштита.