Рестриктивните мерки ќе се попуштаат постепено, полицискиот час нема да се укине наеднаш туку прво ќе се скрати, а физичката дистанца ќе биде главиот услов кој ќе мора да се почитува при нормализацијата на животот, вели министерот за здравство за “Дојче Веле”
Рано е да се каже дали граѓаните можат да планираат летни одмори, рече министерот за здравство, Венко Филипче, во денешното интервју за „Дојче Веле“.
„Рано е да се каже зашто мислам дека нема две исти земји во кои се преземени идентични мерки и тие дале исти резултати. Зошто? Затоа што секоја земја има различно поставен здравствен систем, секоја земја има различен менталитет, мерките се воведуваат врз основа на сите карактеристики, врз основа на податоците за бројот на новозаболени“,
рече Филипче, одговарајќи на прашањето дали може да им порача на своите сограѓани да не планираат летни одмори, како што тоа го направија некои германски министри.
Зборувајќи за сличностите и разликите со останатите земји, тој посочи дека се гледаат сличности со земји од регионот.
„Има некои информации во кои и дел од вакциналниот календар, претходниот имунолошки статус на населението, се доведува во врска со разликата во бројот на пациенти. Ние имаме вакцинален календар кој е различен од многу земји во Западна Европа. Сега тоа е сè уште во сферата на шпекулациите, не е докажано дека некои вакцини придонеле нашиот имунитет да е поотпорен на некои вируси, но за тоа допрва ќе следат клиничките студии. Во таа смисла, секоја земја има свој автентичен пристап и модел кој го развива за периодот кој следи“,
рече Филипче во продолжение на одговорот за летните одмори.
И во ова интервју тој најави дека рестриктивните мерки ќе се олабавуваат во мај, но тоа нема да биде одеднаш туку постепено. Полицискиот час, на пример, пред да се укине целосно, прво ќе се скрати, а за време на викендите ќе се размислува дали ќе остане да важи во текот на двата дена или не. Но, тие дискусии здравствените власти ќе ги водат во текот на следната недела врз основа на новите податоци за заразени пациенти и затоа засега не се знае датумот кога ќе почне олабавувањето.
„Само физичката дистанца на сите овие места ќе биде тоа што ќе треба да се почитува за постепената нормализација на животот. Мислам дека сме на добар пат, некаде на почетокот на мај кога ќе оцениме дека е добро да се попуштат овие рестриктивни мерки, да бидеме спремни да функционираме по ново, односно да ги почитуваме мерките на физичка дистанца со цел да не се соочиме со ситуација да имаме нагол, нов пик на зголемен број на пациенти“,
рече министерот.