Протоколите за олеснување на мерките се готови, ама се чека да се види дали и во наредните денови ќе продолжи трендот на намалување на бројот на нови случаи со ковид-19
Првпат од почетокот на епидемијата во земјава има повеќе оздравени (738) отколку активни случаи (650) на ковид-19. Досега се направени вкупно 16 436 теста, а во последните денови се намалуваат намалуваат индикациите за тестирање во пунктовите и во установите за јавно здравје.
Овие параметри, според министерот за здравство Венко Филипче, се сметаат за показател дека епидемијата почнува да стивнува. Сепак, тој апелира на претпазливост, затоа што, како што посочи, сите проекции, на глобално ниво, укажуваат на тоа дека вирусот нема да исчезне, туку дека и наесен може да се очекува нов бран заразени.
На првата прес-конференција по излегувањето од изолација, Филипче рече дека Комисијата за заразни болести ги изготвила сите протоколи во однос на олеснување на рестрикциите, ама тие нема да бидат презентирани сега, затоа што се чека да се види дали и натаму ќе се намалува бројот на новозаразени со коронавирус.
„Веќе се изготвени сите протоколи за општествените дејност, за јавниот превоз, за стопанските субјекти. Ќе ги презентираме по извесно време заедно со роковите за попуштање на рестрикциите, што ќе биде постепено, за да не се создаваат метежи и да се спречат масовни собири,“
рече Филипче.
Во однос на студијата од Сингапур, која предвидува точни рокови кога вирусот би можел да почне да исчезнува од секоја земја и регион поединечно, Филипче рече дека тоа е повеќе проценка, која не се темели на детални медицински анализи. Затоа, како што рече, не би можел да коментира ништо за тоа.
„Сите проекции во медицинскиот свет упатуваат на тоа дека коронавирусот, најверојатно, нема да исчезне, туку ќе остане. Затоа и е потребна претпазливост, зашто, ако не се почитуваат мерките и препораките, можна е ново зголемување на бројката на заразени“,
нагласи Филипче.
Министерот за здравство рече дека факторот на трансмисија на заразата сега е под единица, ама, како што нагласи, треба да се почека уште неколку дена за со сигурност да може да се каже дека епидемијата стивнува.
Очекувањата дека наесен е можен нов наплив на заболени од ковид-19, како што рече Филипче, меѓу другото, се базирани и на тоа дека станува збор за респираторен вирус, за што погодни периоди за ширење се напролет и наесен. Тој рече дека е сѐ уште рано да се определи датумот за олеснување на мерките, иако протоколите за тоа се готови.
„Се ќе оди постепено, со мерки и со препораки, со задолжително носење маски и друга заштитна опрема и со одржување социјална дистанца и избегнување групирања“,
рече Филипче.
Тој посочи дека, и покрај рестриктивните мерки во изминатиот период, голем број трговски и стопански субјекти продолжија со работа.
„Мислам дека го избравме идеалниот пристап, со оглед на карактеристиките на нашиот систем и нашиот менталитет. Секоја земја избра свој автентичен модел за справување со коронавирусот и мислим дека нашиот пристап даде резултати“,
рече Филипче.