Не бегам од одговорност ниту во однос на наводите на истрагата, ниту пак од моралниот момент. Сепак, истрагата ќе ја лоцира точката на одговорност на ниво на целокупниот менаџмент, вели министерот
Ќе почекам да заврши истрагата, па ќе донесам одлука дали ќе поднесам оставка, рече министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција по страшниот пожар што синоќа ја зафати тетовската модуларна ковид-болница во која животите ги загубија 14 лица.
„Ниту бегам, ниту ќе бегам од одговорност, доколку тоа се утврди. Но, сепак, ќе ја почекам истрагата да заврши и ќе одлучам дали ќе поднесам оставка“,
рече Филипче.
На новинарско прашање дали чувствува морална одговорност за настанот, Филипче рече дека длабоко сочувствува со семејствата на загинатите и повредените и ќе соработува со истражните органи.
„Тешко можам да го опишам чувството што го имам од синоќа… Но, со таквите одлуки човек треба да живее и јас апсолутно ќе чекам да заврши истрагата. Не бегам од одговорност ниту во однос на наводите на истрагата, ниту пак од моралниот момент. Сепак, истрагата ќе ја лоцира точката на одговорност на ниво на целокупниот менаџмент“,
рече Филипче.