Министерот не даде поконкретни информации дали меѓу починатите има и лица кои во моментот на пожарот биле во болницата како придружба на ковид-пациентите
На возраст од 29 до 79 години се лицата кои вчера го загубија животот во пожарот што ја зафати модуларната ковид-болница во Тетово. Телата на 14-те починати се предадени на Судска медицина и на дел од нив е завршена обдукцијата, а за останатите се одвива во текот на денешниот ден, информираше министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
„Освен класичните обдукциони наоди ќе се прават и анализи на ДНК, за што се информирани и семејствата на пацинетите“,
рече Филипче.
Тој засега не даде поконкретни информации дали меѓу починатите во пожарот имало и лица кои во моментот на пожарот биле во болницата во придружба на ковид-пациентите.
Во моментот на пожарот хоспитализирани биле 26 ковид-пациенти, двајца лекари и четири медицински сестри. Од пациентите, 12 се евакуирани и се во добра состојба префрлени тетовската болница.
Министерот рече дека детални информации за тоа како и зошто настанал пожарот и зошто за толку кратко време изгорела целата модуларна болница ќе дадат откако истрагата ќе биде завршена. Тој уверува дека останатите модуларни ковид-болници низ државата се безбедни. Филипче најави дека истрагата ќе треба да утврди дали по предавањето на објектот во употреба на тетовската болница, истиот бил соодветно одржуван.
„Што се однесува до модуларните болници, нашиот интерен увид покажа дека сите вградени материјали имаат сертификати, А-тест за електрична, водоводна и канализациона инсталација. тоа значи дека се што е вградено од материјалите е со сертификат од производителот, а процесот на инсталација е со А-тестирање. Сето тоа е под надзор на акредитирана компанија што контролира дали се обезбедени сите сертификати за буквално секој материјал што се вградува во модуларната болница. По завршување на сите постапки, надзори и техничкиот прием, објектот се предава на болницата во градот за понатамошно управување и одржување“,
рече Филипче и додаде дека поставувањето на овие објекти е со претходна согласност на Светска банка, која ја финансираше изградбата.
Филипче апелира да не се создава паника и недоверба кон ковид-центрите кои многу значат за спасување на животи во ковид-кризата. Тој рече дека овој тип на болници, за време на кризата се користат насекаде на светот.