По анализата на состојбата со ковид-19 во Прилеп, министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека нема потреба од воведување на нови мерки, бидејќи смета дека вака како што се димензионирани мерките даваат резултат.
„Со затворени угостителски објекти после 21 часот, забрана на групирање во текот на 24 часа постепено се олабавува ситуацијата, па затоа заеднички заклучивме дека нема потреба за дополнителна рестрикција, бидејќи не би имала некаков позначаен ефект од тоа што го даваат мерките кои се сега на сила. Во сите земји во Европа ваква комбинација на мерки даде резултат, а тоа е задолжителното носење на маски, забраната за групирање, елеминирањето на можноста да се групираат во угостителски објекти подолг временски период“,
изјави Филипче денеска од Прилеп по средбата со тамошниот градоначалник, Илија Јовановски.
Според Филипче, болницата во Прилеп е организирана, пациентите се сместени на пет одделенија мобилизирани се сите лекари, медицински сестри помошно технички персонал.
Тој ја поздрави иницијативата на матичните лекари од градот кои се одзваа на апелот на градоначалникот да почнат да волонтираат во болницата како би го покриле отсуството на нивните колеги лекари кои се ковид позитивни и мора да бидат во излоација.
„Очигледно е дека матичните лекари се свесни за оваа ситуација и сакаат да дадат свој придонес да се намали притисокот кон здравствените работници кои што во овој момент работат навистина со намалена бројност заради нивните колеги кои што се заболени“,
рече Филипче.
Министерот најави дека наскоро во Прилеп ќе започне тестирање со брзи тестови на пациенти како би се одредила патеката за нивно хоспитализирање, терк кој што веќе се применува во други болници низ државата.