Филипче, покрај промена на начинот на внатрепартиските избори за општинските раководства, најавува и формирање три нови тела – совет за политика и стратегија, секретар за односи со општинските и месните комитети и комисија за етика и одговорност, како и секторски комисии

Ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, кој е и еден од четворицата кандидати за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во рамки на кампањата, а и во програмата „Нов СДСМ за нови победи“, на средби со граѓаните најави предвидува обединување на сите компетентни и искусни кадри кои во минатото и сега придонесувале во партијата и општеството.
Филипче вели дека СДСМ располага со огромен човечки потенцијал, луѓе кои секогаш биле блиски до партијата, делеле исти вредности и ставови, но во изминатите години се пасивизирале или повлекле од различни причини.
Една од неговите главни цели, како што вели, е обединување на сите компетентни и искусни кадри кои во минатото и сега придонесувале во партијата и општеството.
„Како претседател, ќе се потпирам на нивните стручни мислења, искуства и анализи преку кои ќе се градат партиските политики. Јас верувам во тимска работа, верувам во знаење, искуство и наука и секој кој сака да помогне ќе биде добредојден во партијата“,
вели Филипче.
На средбите, како што се наведува во соопштението испратено од службите ангажирани во неговата кампања, Филипче, покрај промена на начинот на внатрепартиските избори за општинските раководства, најавува и формирање на три нови тела.
Советот за политика и стратегија, Секретар за односи со општинските и месните комитети и Комисија за етика и одговорност, како и секторски комисии се телата кои Филипче најавува дека ќе бидат формирани.
Според него, реорганизацијата на партијата и новите тела ќе придонесат за ефикасна и функционална партиска организација.
Советот за политика и стратегија, како што вели Филипче, ќе биде еден од главните столбови во функционирањето на партијата.

Советот, додава тој, ќе се состои од политичари, експерти и надворешни соработници кои на дневна основа ќе ги анализираат политичките состојби и ќе креираат стратегии и политики за партијата.
Во програмата на Филипче е предвидено советот да биде задолжен да го контролира идеолошкиот развој и позиции на партијата и да ги усогласува политиките на социјалдемократските принципи.
„Функцијата на овој совет ќе биде навремено да реагира за партијата да може да се приспособи на сите предизвици преку одлуки што ќе бидат добро обмислени и базирани на докази што има за крајна цел подобрување на кредибилитетот на партијата“,
додава Филипче, се наведува во соопштението.
Во рамки на советот за политика и стратегија, додава Филипче, ќе се формира уште едно тело – совет на ветерани на партијата.
Според програмата, се додава во соопштението, овој совет ќе биде составен од искусни поранешни политичари на СДСМ и ќе служи како советодавен одбор на претседателот.
„Користејќи го големото значење и искуство на неговите членови, СДСМ во иднина ќе носи издржани стратешки одлуки. Советот ќе игра клучна улога во зајакнување на кохезијата во партијата и обединување на сите струи и крила“,
е наведено во соопштението.
Во надлежност на комисијата за етика и одговорност, од кампањата на Филипче велат дека ќе биде следење на евалуација на работата на партиските и државните функционери и брза реакција при неетичко и коруптивно однесување.
„Создавањето на оваа комисија е критичен чекор во обезбедувањето транспарентност и етичко однесување во СДСМ. Комисијата ќе се погрижи сите членови на партијата, од најниско до највисоко раководно ниво, да се придржуваат до кодексот на однесување на партијата“,
се додава во соопштението.
Филипче во понеделникот од Охрид и Струга официјално ја започна својата кампања за внатрепартиските избори закажани на крајот на месецов.
Тој пред членството на партијата во овие два града им ја претставил својата програма преку која ветува дека СДСМ ќе биде ефикасна и функционална партиска организација која работи во интерес на членовите и граѓаните.
Првата поголема реформа која Филипче ја презентирал е претседателите на општинските организации да се избираат на внатрепартиски избори, исто како што тоа е сега случај со претседателот на партијата.
Внатрепартиските избори за лидер на СДСМ се закажани за 30 јуни и тие доаѓаат откако досегашниот претседател Димитар Ковачевски си поднесе оставка по слабиот резултат што го имаше партијата на парламентарните избори на 8 мај.
Противкандидати на Филипче на внатрепартиските избори за шеф на СДСМ се ексминистерката за одбрана и пратеничка, Славјанка Петровска, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски, чии кандидатури ги потврди Централната изборна комисија на партијата.
За тоа како ќе го вратат СДСМ на нозе, по тешкиот пораз на неодамнешните парламентарни избори четворицата сега и официјални кандидати говореа пред камерата на „360 степени“ за магазинското издание емитувано на МРТ 1.
Инаку, во неделата (9 јуни) СДСМ имаше отчетен конгрес на кој партиските челници требаше да реферираат за тешкиот пораз на парламентарните избори на 8 мај, но истиот беше прекинат бидејќи општинските организации на партијата побарале дополнително време да го анализираат и да се произнесат на ниво на општински изборни штабови и организации за обемниот материјал на извештајот кој бил презентиран од страна на шефот на изборниот штаб и генерален секретар на партијата, Миле Зечевиќ.