Министерот за здравство Венко Филипче утрово имал средба со новиот в.д реис на Исламската верска заедница (ИВЗ), Шаќир Фетаху, информираат од Министерството.
На средбата, како што информираат оттаму, се разговарало за иницијативата на Министерството за организирање заедничка средба меѓу владини претставници, невладини организации верските заедници, со цел да се дефинираат начини за активно вклучување на сите страни и обединување во борбата со вирусот.
„Фетаху во целост се согласува со ова и ја поздравува иницијативата. Тој посочи дека ќе продолжи да дава максимална поддршка и свој личен придонес во напорите на институциите кои се справуваат со корона кризата во земјата“,
рече Филипче.
Филипче потенцирал дека е од огромно значење сите општествени чинители активно да се вклучат и да го искористат своето влијание во заедницата во борбата со коронавирусот.
„Борбата со вирусот ќе трае, но ние мора да научиме да живееме со него и да се заштитиме. Сметам дека е од огромно значење сите општествени чинители активно да се вклучат, да го искористат своето влијание во заедницата во подигнување на свеста за коронавирусот и потребата од почитување на мерките за лична заштита. За ова е неопходен дијалог на сите општествени нивоа“,
посочува Филипче.
Новиот поглавар на ИВЗ на својата прва прес-конференција порача дека коронавирусот постои и повика да се почитуваат мерките, за разлика од неговиот разрешен претходник Сулејман Реџепи, кој вирусот го прогласи за мртов.