Министерот за здравство Венко Филипче денеска појасни дека задолжителното носење на маските е донесено како одлука по многубројните светски анализи и препораки кои во изминатиов период беа објавени.
Тој рече дека е точно оти првично Светската здравствена организација не препорачуваше носење на маски, особено за здравите лица, но во меѓувреме излегоа многубројни анализи и студии, а се зема предвид фактот дека многу од заболените со ковид-19 воопшто немаат симптоми.
Дополнително, појасни Филипче, се зема предвид фактот дека нема точно утврден начин на ширење на вирусот.
„Сега е дефинитивно јасно дека има многу асимптоматски носители на вирусот. Како и многу земји во светот, така и ние, ја воведовме оваа мерка како една наша политика. Сметаме дека сега во оваа фаза, после сите сознанија од изминатиот период што помина, оваа мерка е неопходна“,
рече Филипче.
Тој потенцираше дека носењето на маските како заштитна опрема е мерка која значително ќе придонесе за намалување на ширењето на вирусот.
„Ова се однесува на затворен простор, а на отворен простор само кога нема да има можност за одржување на растојанието од два метра со луѓето во непосредната близина“,
рече Филипче.
Со намалувањето на рестрикциите и скратувањето на полицискиот час, додава Филипче, епидемијата не е завршена и тоа не значи дека мерките не треба да се почитуваат.