Ќе се објавува список на имиња на оние што треба да бидат во самоизолација, и тоа ќе се случи многу скоро, најави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Ова ќе биде алтернативно решение бидејќи Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) не може да постигне и не може да ги пронајде сите лица што треба да бидат во самоизолација. Причините за ова се и тоа што голем дел од луѓето даваат погрешни адреси, погрешни телефони и инспекторите од ДСЗИ не може да ги пронајдат за да им ги врачат решенијата за самоизолација.
„На помош викнавме и вработени во Собранието во правната служба, за да помогнат во изготвувањето на решенијата и во нивно делење, бидејќи инспекторите од ДСЗИ не можеа да постигнат да го направат тоа“,
рече Филипче.
Тој додаде дека се размислува за алтернативна правна форма како да се поделат овие решенија.
„Една од опциите, и тоа многу брзо ќе го расчистиме според Законот за управна постапка, да биде јавно објавен список на лица коишто треба да бидат во самоизолација, бидејќи навистина многу време се губи и се загрозува јавното здравје посебно од лица кои не сакаат да излезат во пресрет и да соработуваат со епидемиолозите и со ДСЗИ“,
рече Филипче.