Од 193 починати лица од ковид-19, најголем дел биле над 60-годишна возраст, а кај 76 проценти се регистрирани бројни коморбидитети, хронични болести на кардиоваскуларниот систем, белите дробови и шеќерна болест.
Ваквиот податок на денешната прес-конференција го соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
Кога станува збор за активните случаи, пак, министерот вели дека охрабрува фактот дека голем процент од случаите се асимптоматски и со лесна клиничка слика, па 86 проценти се во домашни услови.
10 пациенти во „8 Септември“ се на респиратор
Кога станува збор за хоспитализираните пациенти, пак, рече тој, во моментов оваа бројка изнесува 318.
На Инфективната клиника има 95 пациенти, од кои 37 се на кислородна поддршка, додека нема ниту еден на механичка вентилација. Кај оваа клиника целосно е подготвена и монтажната болница, рече Филипче, која има амбулантски, дел за прием на пациенти и околу 70 кревети.
Во Градската општа болница „8 Септември“ има 113 пациенти. Од нив, 10 се на респиратор, 21 се потешка клиничка слика.
Во Битола, пак, се хоспитализирани 26 пациенти. Таму е откриен и еден заразен болничар, па двајца негови колеги се во изолација, а еден хирург има симптоми. Штипската болница на лекување има 18 пациенти, а во останатите одделенија во државата има уште 66 пациенти.
На Инфективна и во „8 Септември“ на помош стигнале 11 доктори и 47 медицински сестри
Во двете главни болнички установи во борбата со ковид-19, досега се пристигнати околу 60 здравствени работници од други клиники и градови за да им помогнат на колегите.
Според информациите кои ги сподели министерот Венко Филипче, на Инфективната клиника има 5 дополнителни доктори, од кои тројца се од три клиники во Клиничкиот центар и по еден од Тетово и Охрид. Има вкупно и 27 медицински сестри пристигнати од повеќе градови, како Кавадарци, Кочани, Кичево…
Во градската болница „8 Септември“, пак, помагаат 6 доктори, од кои двајца се од скопските клиники, двајца од Кичево и по еден од Отешево и Гостивар. По систем на ротација, ќе помагаат и 20 медицински сестри од Струга, Велес, Отешево, Гевгелија и Лешок.