„Навистина не разбирам против што би протестирале. Државата им нуди повеќе од тоа што го имаат, а тие сакаат против тоа да протестираат. Не ја гледам логиката“, вели министерката

Не гледам логика да се протестира за мерка со која на студентите им се нуди повеќе од она што го имаат во моментов, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска коментирајќи ја најавата за студентски протест поврзан со студентскиот оброк.
Јаневска вели дека правото на протест е загарантирано, но оти не гледа основа за незадоволство во случајот со предложените измени.
„Правото на протест е загарантирано, но јас навистина не разбирам против што би протестирале. Државата им нуди повеќе од тоа што го имаат, а тие сакаат против тоа да протестираат. Не ја гледам логиката“,
истакна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање за време на натпреварот за бизнис-идеи на средношколци во организација на Brainster Next.
Таа информира дека е формирана работна група која работи на решенијата поврзани со студентскиот оброк и оти процесот се одвива интензивно.
„Формирана е работната група, многу брзо се развива проектот. Заинтересирани сме брзо да се развие проектот. Во комуникација сум со релевантните студентски собранија и мислам дека немаме проблем и дека многу брзо ќе дојдеме до решението“,
нагласи министерката.
Јаневска додаде дека Министерството континуирано вложува во подобрување на студентскиот стандард преку инвестиции во студентските домови, научноистражувачката дејност и други мерки наменети за младите.
За потсетување, Националното студентско тело денеска објави резултати од онлајн анкета со околу 7.000 студенти, според кои 97 проценти од анкетираните бараат дневниот оброк од 140 денари да се зголеми на 180 денари или 4 500 денари месечно, независно од воведувањето нов системски модел. Дополнително, според анкетата, 79,5 проценти од студентите навеле дека го претпочитаат постојниот начин на исплата на субвенцијата, преку платежни картички. Резултатите од анкетата од Националното студентско тело рекоа дека ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука (МОН).
Студентските претставници најавија ултиматум од 14 дена – една недела за разгледување на барањата во МОН и уште седум дена за конкретен одговор и постапување. Доколку нема реакција, тие најавуваат протести.
