Според Николоски, со забрзување на изградбата на автопатската делница се отвораат околу 1 200 нови работни места

Околу 1 200 нови работи места се отвораат со забрзување на изградбата на автопатот Прилеп-Битола, рече денеска министерот за транспорт Александар Николоски кој беше на денешниот саем за вработување во Прилеп, во организација на „Бехтел и Енка“.
Според Николоски, за изградбата на оваа автопатска делница потребни се профили од неколку професии – градежни и сообраќајни инженери, геодети, технички и лаборантски кадар, оператори на градежни машини, возачи, квалификувани и неквалификувани градежни работници.
„Со забрзување на динамиката на изградба на автопатот Прилеп-Битола, се отвораат некаде околу 1 200 нови работни места, можност за вработување на околу 1 200 луѓе, што за целиот Пелагониски Регион претставува огромна можност. Огромна можност за многу луѓе да најдат работно место, но исто така и да стекнат искуства и знаења коишто е ретка прилика да се стекнат, затоа што не се гради секој ден автопат“,
вели Николоски.
Николоски вели дека ова е можност за млади луѓе кои завршуваат градежен или архитектонски факултет, за млади инженери, но исто така и за квалификувани и неквалификувани работници да најдат работа во рамки на овој проект.
Саемот за вработување ќе трае неколку дена, а како што што потенцира Николоски, компанијата „Бехтел и Енка“ котира како конкуретна градежна компанија во земјата и во знаење и во добро платени работни места.
„Она што исто така сакам да го кажам е дека двете компании, ‘Бектел и Енка’ се на врвот кога ќе го видите просекот на исплатена месечна нето плата. Имено, просек за 2025 година е 137 000 денари, а тие немаат плата под 60 000 денари. Што значи, зборуваме за исклучително добро платени работни места“,
додаде министерот.
Тој ги повика жителите на Прилеп, но и на останатите општини – Могила, Новаци, Росоман, Кривогаштани, Крушево, Демир Хисар, Ресен и на Битола, да аплицираат и да си го најдат своето работно место, имајќи предвид дека во наредните три години ќе има доста интензивни активности.
Тој, заедно со претставниците од „Бехтел и Енка“, со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, заменик министерот за економија Марјан Ристески и пратеници, ги презентираа можностите, условите за вработување, како и динамиката за изградба на автопатот Прилеп-Битола.
