Притворот се бара поради тежината на делото, опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци, како и ризикот осомничениот да го доврши делото

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе истрага против 52-годишен маж осомничен за обид за убиство на сопругата при семејно насилство во селото Топлица, гостиварско.
Според обвинителството, инцидентот се случил на 27 ноември, кога при расправија во семејниот дом осомничениот со умисла се обидел да ја лиши од живот сопругата, употребувајќи физичка сила и остар предмет, со кој повеќепати ја удрил во главата, лицето и телото.
Жената се здобила со тешки телесни повреди, убодни рани и скршеници на повеќе ребра, по што паднала во бессознание. Настанот во полиција го пријавил таткото на осомничениот, а полициските службеници при пристигнувањето на местото ја затекнале жената без свест.
Обвинителството го сомничи мажот за кривично дело убиство во обид, при семејно насилство. Поради тежината на делото, опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци, како и ризикот осомничениот да го доврши делото, јавниот обвинител доставил предлог до судија на претходна постапка за определување мерка притвор.
Претходно денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека вчера било пријавено оти 52-годишниот М. М. физички ја нападнал својата 42-годишна сопруга. Од МВР велат дека откако случајот вчера бил пријавен, веднаш потоа лицето било лишено од слобода. При интервенцијата тој давал отпор и физички нападнал полициски службеници, при што еден полицаец бил повреден. За настанот бил известен јавен обвинител, а М. М. бил спроведен во Психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци.
