Лидерот на СДСМ, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека сè уште не го знаат кандидатот на нивната партија за градоначалник на главниот град за следните локални избори и дека сакаат да го одредат во широк консултативен процес

360°: Вие, практично, му овозможивте на ВМРО-ДПМНЕ да се дистанцира од Данела Арсовска и тие релативно успешно го прават тоа?
Филипче: Како ќе се дистанцираат од Арсовска кога тие ја донесоа на градоначалничка позиција со поддршката. Тоа самата Арсовска го кажува, не го кажуваме ние. И мислат дека скопјани ќе ги прелажат дека ќе се дистанцираат од неа и како ќе се дистанцираа кога со ниеден чекор не прават нешто што е во бенефит и во интерес на граѓаните. И сега може да гласаат за автобуси во Советот, но тоа не го прават. И сега може да гласаат за БРТ-транспортниот систем којшто целосно ќе го реши собраќајниот хаос, исто така не го прават. Нема начин на којшто тие може да се дистанцираат од Арсовска, и да се вратам на нас, ќе работиме интензивно да најдеме добар кандидат или кандидатка, сериозен човек.
360°: Тоа што го именувавте Ѓорѓи Галетановски за претседател на Градската организација на СДСМ за Скопје дали значи дека можеби на него сметате за кандидат за градоначалник на главниот град?
Филипче: Не значи дека ќе биде кандидат за градоначалник на Скопје поради тоа што во еден широк круг со анкети, внатрешни и на терен, ќе го бараме најдобриот кандидат, ќе сакаме да слушаме кого граѓаните сакаат да го видат и ќе му веруваат да биде градоначалник на Скопје. Меѓутоа, сакам да кажам тука неколку работи дека земам обврска сега пред граѓаните, доколку го изгласаат градоначалникот на Скопје или градоначалничката која што ќе биде поддржана од СДСМ, дека за две години од почетокот на мандатот, Скопје ќе добие три работи: прво, ќе биде најчистиот град во регионот, второ, ќе има целосно среден јавен превоз и, трето, ќе има солиден и културен ноќен живот и тоа е мое ветување сега толку рано поради тоа што ќе биде ветување и на партијата на изборите.
360°: Прво да го видиме и кандидатот, се разбира.
Филипче: Ќе го видиме.