Во следните денови Комисијата за заразни болести ќе разговара за детектирање и регистрирање на бројките на заразаени со корнавирус, но пристапот за тоа како се анкетира, кој се тестира и врз основа на кои контакти се ставаат во изолација, нема да се промени.
Вака одговори министерот за здравство Венко Филипче на новинарско прашање дали се размислува за промена во пристапот на тестирање на лицата кои се заразени, односно дали ќе се тестираат и асимптоматски случаи.
Прашањето е поттикнато од тоа што голем број земји не ги тестираат асимптоматските случаи, а здравствените власти изминатите денови потврдија дека кај нас има многу вакви случаи.
„Има голем број асимптоматски случаи кои произлегоа од тестирањето на семејните кластери. Повеќе земји ја менуваат стратегијата. Ние ќе го дискутираме тоа во рамки на Комисијата, но тоа не е причина да не ги имплементираме овие случаи во епидемиолошките анкети, во смисла на ставање на луѓето во изолација“,
рече Филипче.
За тоа дали асимптоматските случаи треба да се тестираат или не, дали го шират вирусот или не, во светот се отвори широка дебата и во јавноста и на експертско ниво, особено кога претставник на СЗО прво кажа дека тие случаи не заразуваат.
Еден ден потоа епидемиологот Марија Ван Керх се коригираше и рече дека треба појаснување на нејзината изјава, додавајќи дека и овие случаи заразуваат, а нејзината изјава се однесувала само на неколку студии, а не на целосната слика за коронавирусот.