Луѓето што немаат симптоми на новиот коронавирус ретко ја шират инфекцијата, изјави епидемиологот на Светската здравствена организација, Марија Ван Керх.
„Врз основа на податоците што ги имаме, се чини дека ретко лице без симптоми го пренесува (вирусот) на друго лице“,
нагласи таа.
Ван Керх истакна дека СЗО добива извештаи од држави што детално ги следат контактите на заразените, вклучително и асимптоматски случаи и тие држави не откриле дека пренесувањето продолжува со таквите случаи.
Ван Керх рече дека луѓето што немаат симптоми на Ковид-19 често развиваат лесна форма на болеста, јави Си-ен-ен. Во исто време, таа повтори дека вирусот се шири преку капки што се ослободуваат кога некој кашла или кива.
Директорот на СЗО, Тедрос Гебрејсус, предупреди дека во последните денови се пријавуваа по повеќе од 100.000 нови случаи дневно и посочи дека вчера биле регистрирани дури 136.000 нови случаи, пренесе Тасс.
Според него, забележано е зголемување на бројот на нови случаи во одредени делови на Источна Европа и Централна Азија.
Исто така, рече дека охрабрува што од повеќе земји во светот доаѓаат „многу позитивни знаци“.
Оцени дека најголема закана е „чувството на задоволство“ во одредени земји.
„Повикуваме на активен мониторинг за да не се врати вирусот, особено кога станува збор за масовните собири, што повторно почнуваат во одредени земји“,
истакна Гребрејсус.