Една од водечките експертки на Светската здравствена организација денеска ја коригира својата вчерашна изјава дека асимптоматските случаи на ковид-19 ретко ја пренесуваат болеста.
Епидемиологот Марија Ван Керх, која ја предводи техничката асистенција во справувањето со пандемијата, денеска појасни дека се работи за недоразбирање и дека нејзината изјава се однесувала само на неколку студии, а не на целосната слика за коронавирусот.
„Според некои модели, околу 40 проценти од преносите можат да бидат со асимптоматски случаи, но тоа се модели при пресметување. Тоа не го вклучив во мојот одговор вчера, па сега сакам да бидам појасна“,
рече Ван Керх денеска.
Неколку експерти реагираа на вчерашната изјава на Фан Керх, оценувајќи дека таквиот став би можел да создаде проблем за владите кои се обидуваат да ги намалат ограничувањата.
Лијам Смет, професор по клиничка епидемиологија во Лондон, рече дека тоа е спротивно на неговите научни истражувања досега кои сугерираатт дека асимптоматските случаи, како и пред-симптоматските лица, се важен извор на инфекција.
Освен што денеска СЗО ја коригираше изјавата за асимптоматските случаи, дополнително информираше и за новите студии кои покажуваат дека заболените се најзаразни во моментот кога за првпат ќе се почувствуваат болни.
„Од ограничените информации кои ги поседуваме, се чини дека луѓето имаат повеќе вирус во нивните тела во или околу периодот кога ги развиваат симптомите, односно многу рано“,
рече Ван Керх.