И тројцата кандидати за нов државен јавен обвинител, од кои еден се очекува да го наследи актуелниот Љубомир Јовески, имаат искуство во обвинителската дејност
Обвинителката Фетаи сега е во скопското вишо обвинителство, Лидија Раичевиќ доаѓа од Основното јавно обвинителство, а обвинителот Љупчо Коцевски од републичкото обвинителство
Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РС Македонија се тројцата кандидати пријавени на огласот за нов државен јавен обвинител, објавен на 29 ноември годинава од Собранието откако пратениците ја изгласале одлуката за именување нов јавен обвинител.
Инаку, на актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески мандатот му истекува на 25 декември годинава.

Владата на седница треба да донесе одлука и да ги проследи предлозите на мислење до Советот на јавните обвинители.
Според Законот за јавно обвинителство, за јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Со оглед на законските рокови според кои пријавените кандидати ќе треба да го поминат филтерот на Советот на јавните обвинители, за што имаат рок од 15 дена да дадат позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење, Советот на јавни обвинители неделава ќе треба да именува вршител на должност државен јавен обвинител.
Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата, со мандат од шест години и право на повторно именување.
За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието.
И тројцата кандидати за нов државен јавен обвинител, од кои еден се очекува да го наследи актуелниот Љубомир Јовески, имаат искуство во обвинителската дејност.
Обвинителката Фетаи сега е во скопското вишо обвинителство, Лидија Раичевиќ доаѓа од Основното јавно обвинителство, а обвинителот Љупчо Коцевски од републикото обвинителство.
Фатиме Фетаи е обвинителка од 2011 година во ОЈО Скопје. На пошироката јавност ѝ стана позната откако во 2015 година стана дел од тимот на Катица Јанева, каде што остана до септември 2019 година.
По распаѓањето на СЈО се врати во матичното скопско обвинителство. Таа конкурираше и за обвинителка во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, но таму не ги доби потребните гласови. Од април 2021 година е во скопското вишо обвинителство. Лани се пријави и за шеф на ова обвинителство, но во последен момент ја повлече кандидатурата.
Фетаи стана позната на јавноста кога премина во СЈО, каде што на прес-конференции ги презентираше отворените истраги, а меѓу предметите во кои таа го застапуваше обвиненијата беа „Тенк“, каде што за набавката на луксузниот мерцедес се осудени Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски, „Титаник 2“, каде што се обвинети Сашо Мијалков, Мендух Тачи и поранешни членови на ДИК за локалните избори во Струмица во 2013, „Титаник 3“ против поранешни функционери од ДУИ, а беше и една од обвинителите кои го застапуваа обвинението во повторното судење за „Монструм“ …
Лидија Раичевиќ е обвинителка во ОЈО Скопје од 2003 година, а еден мандат гонеше и организиран криминал и корупција. Меѓу предметите познати на јавност се за ексдиректорот на Онкологија Нино Васев, за убиството на Пино Секондо, случајот „Ровер“ против Љубе Бошковски и предметот „Еразмус“.
Љупчо Коцевски во адвокатурата е 16 години. Во 2008 е избран за обвинител во Вишо обивнителство Гостивар. Во јануари 2022 е унапреден во републичкото Обвинителство.
Според законските прописи, листата со кандидати се доставува до Советот на јавни обвинители, кој што во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето треба да достави до Владата образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно со закон.
Потоа, Владата до Собранието доставува предлог за именување на јавен обвинител од пријавените кандидати за кои Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата за јавен обвинител, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот на јавни обвинители.
Ако Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рокот не достави мислење до Владата тој (рокот) се продолжува уште за 15 дена. Ако и во овој рок, Советот на јавни обвинители не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.
Доколку Советот на јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата на Република Северна Македонија не може да утврди предлог за именување на јавен обвинител и ќе му предложи на Собранието да го повтори огласот.
Актуелниот државен обвинител, Јовевски, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.