Пред десетина дена, изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица стана предмет на истрага за СЈО. Поради начинот на кој е избран победникот на тендерот, грчки „Актор“, но …
„ … И поради основано сомнение за перење на пари кои фирмата добитник на тендерот ги добила со злоупотребата во постапката на јавна набавка.” – изјави на 21.03.2018 обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи.
Истиот ден, екс премиерот и прв осомничен во случајот, обвини дека истрагата е политичка хајка. Дека ништо не згрешил, за доказ се повика на истрагата на Брисел за случајот.
„Според информациите што ги имам ревизорското тело на Европската комисија ги известила владините органи дека ја завршиле таа истрага и дека немаат забелешки никакви на постапката“- изјави Никола Груевски на 21.03.2018 година.
По само неколку дена, телевизијата Телма доби поинаков одговор од Брисел …
„ Истрагата за АКТОР, на европската канцеларија за борба против измами ОЛАФ открила незаконитости од страна на фирмите што го градат автопатот.”- пишува во дел од прилогот на телевизијата.
360 Степени дојде до нови детали кои откриваат директни релации меѓу еден од осомничените грчки бизнисмени и најпознатата македонска „тајна“ компанија- „Ексико“.
Партизански одреди, број 43 Б/2. Однадвор, оваа адреса не кажува ништо повеќе освен дека улицата и бројот означуваат еден стан во оваа зграда во центарот на Скопје.
Но, според документите до кои дојде 360 Степени, на оваа адреса се регистрирани најмалку две фирми. Едната се вика „Инвикта”, другата „ВСМ Интер”.
„Инвикта“ е една од компаниите за која институцијата сместена на само стотина метри по улицата Партизанска, води истрага. Специјалното јавно обвинителство, го сомничи нејзиниот сопственик, Влантимир Стогиновитс дека преку оваа фирма учествувал во перење на пари при изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица.
„Од сметките на „АКТОР АДТ” Подружница Скопје кон сметките на „Инвикта” ДООЕЛ Скопје, искористувајќи ист траен однос – договор за вршење на подизведувачки работи, биле исплатени пари во вкупен износ од 181.736.436,00 денари, околу 3 милиони евра, од кои што 35.777,951,00 денари околу 580.000 евра, веднаш по приливот во готовина му биле исплатени на осомничениот В С – основачот на правното лице – „Инвикта” Скопје по основ на дивиденда, по што се прикрива понатамошната локација и движењето на парите.“- изјави на 21.03.2018 обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи
Назад на Партизанска 43 Б/2… вториот правен субјект со исто седиште како „Инвикта“, фирмата „ВСМ Интер“, досега не беше спомената во контекст на „Актор“ или друга истрага. Интересна е поради нејзините основачи. При регистрацијата, едниот сопственик е осомничениот од СЈО во истрагата „Актор“, Влантимир Стогиновиц. Другиот сопственик е компанијата „Ексико“. Тоа е истата „Ексико“ чија сопственост е скриена во Лугано, Швајцарија, и истата „Ексико“ во чија сопственост се акции од повеќе македонски фирми и атрактивни недвижности, меѓу кои е и овој објект на Водно во Скопје, во кој според Специјалното јавно обвинителство, живее екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.
360 Степени се обиде да стапи во контакт со Стогиновиц преку контактите за фирмата „Инвикта“, но на крај не добивме можност да му побараме став за истрага на СЈО но и за партнерството со „Ексико“.
Повеќе детали може да се најдат кај институциите. Според документите од Централниот регистар, заедничката фирма меѓу Стогиновиц и Ексико е регистрирана во јуни 2011-та година, три месеци откако е распишан тендерот за Демир Капија-Смоквица. Уделот на Стогиновиц во „ВСМ Интер“ на стартот бил 1/3, додека 2/3 од сопственоста биле на „Ексико“. Интересно е што во документите Стогиновиц секаде се води како грчки државјанин- со грчки пасош и име, а каде и да ставел потпис го правел на кирилско писмо, со презимето Стојиновиќ.
На крајот на 2012-тата година во фирмата „ВСМ Интер“ влегува уште еден партнер, извесен Давор Стојановски од Куманово, кој откупува дел од сопственоста на бизнисменот со грчки пасош. Крајот на партнерството меѓу Ексико и Стогиновиц е во февруари 2016-тата- годината кога временски завршуваат сомнителните трансакции што ги истражува СЈО.
Поедноставено, документите за „ВСМ Интер“недвосмислено покажуваат повеќегодишни врски меѓу бизнисменот Стогиновиц, односно Стојиновиќ и најпознатата оф-шор компанија во Македонија- „Ексико“. Но и покрај индикациите кои произлегуваат од оваа поврзаност, низ сметката на „ВСМ Интер“ поминала незначителна сума на пари.
Ова и не се единствените дилеми поврзани со „подизведувачите“ на Актор кои учествуваа во изградбата на автопатот Демир Капија- Смоквица. Нетипични коинциденции има и кај другите две фирми- Топометриа и Глобал Констракшн.
Истрагата на СЈО покажа дека во повеќе наврати, „Топометриа “исплатила околу 700,000 евра на десет редовно вработени лица во „Глобал Констракшн“ и обратно, „Глобал Констракшн“ исплатила 1,173 милиони евра на десет редовни вработени во „Топометриа “. А, според документите од централниот регистар, овие две фирми во одреден период во 2012-тата и 2013-тата година биле регистрирани на иста адреса во Скопје- и тоа во непосредна близина на „Инвикта“ и на партнерската фирма меѓу Стогиновиц и „Ексико“- ВСМ Интер.