„Нашите граѓани без проблем ќе може да отидат во Унгарија, Чешка, Бугарија, но нема да можат да излезат од Македонија ако се вратат дома. Европскиот комитет дава мислење до земјите да имаат разбирање. А, ние што правиме – само Македонија, освен Грција, ќе крши основно човеково право на слобода и движење поради тоа што пратениците од владејачката структура – од СДСМ и ДУИ – не сакаат да стиснат едно копче“, вели Тошковски

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку граѓани на Република Северна Македонија треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.
„Денеска добив на писмено информација дека комитетот за патни исправи на Европската комисија одржал состанок на 13 февруари 2024 година. Ми беше најавено од белгискиот амбасадор дека ќе имаат разбирање за проблемот и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на нашите граѓани. Нашите граѓани кои се надвор од Македонија, 70 000 се со старото име во Германија, тоа го имаат Германците како податоци, ние го немаме. Тие без проблем ќе може да отидат во Унгарија, Чешка, Бугарија, но нема да можат да излезат од Македонија ако се вратат дома. Европскиот комитет дава мислење до земјите да имаат разбирање. А ние што правиме – само Македонија, освен Грција, ќе крши основно човеково право на слобода и движење поради тоа што пратениците од владејачката структура – од СДСМ и ДУИ – не сакаат да стиснат едно копче“,
рече Тошковски во денешното гостување во емисијата „Ја сакам Македонија“ на телевизија Сител.
Овој проблем, како што рече Тошковски, е настанат во моментот на потпишување на договорот. Функционери, рече Тошковски, кои учествувале во процесот се полтрони, кои не ја сакаат Македонија и не работеле во интерес на македонските граѓани туку во туѓи интереси.
„Два грама мозок дa имале, немало да го стават рокот пет години да биде кога сите знаеме дека максималниот рок на важност на документите е 10 години. Само 10 години да ставеле природно ќе било во тој процес да не се предизвикуваат финансиски трошоци за граѓаните, да не се доведуваат до недостоинствено обезбедување документација од државата, да не се доведуваат во ситуација да бидат заробени“,
рече Тошковски.
Тошковски рече дека во Министерството располагаат со две машини за изработка на пасоши, а на секоја од нив дневно може да се направат по 1 500 пасоши.
„Дневно може да се изработат само по околу 3 000 нови пасоши, но во оптимизирани услови. Најважно е да не се изгуби континуитетот и динамиката во испораката на обрасците. Ако има печатење на пасоши од тип Б со други јазици, ќе биде под 2 800 бидејќи така е побавно“,
рече Тошковски.
Правејќи пресметки, Тошковски рече дека до крајот на годината, доколку сè биде во ред со машините и со испораката на обрасците, ќе може да се обноват пасошите.
„До нова година ќе може да се стаса, имаме отприлика околу 10 месеци, но само ако се зголеми капацитетот, барем минимално, и ако ги имаме обрасците – ќе може да ги обновиме оние пасоши 650 илјади со старото име. Ако работиме 25 дена во месец, по 3 000 на ден, тоа е 75 илјади месечно. Со оваа бројка ќе може да се обноват“,
рече Тошковски додавајќи дека нема да може да се набави уште една машина затоа што сега се избори, а таа постапка трае долго време.
Кога пратениците го продолжија рокот на важност за возачките дозволи, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложи и измени со кои би се продолжил рокот на важност на пасошите до крајот на годината. Но, пратениците не успеаја да се договорат, па овој предлог не се најде во распоредот во законодавниот дом.