Фудбалерот на репрезентацијата на Данска, Кристијан Ериксен, доживеал срцев удар кога колабира на теренот на Европското првенство во натпреварот против Финска, потврди тимскиот лекар Мортен Боесен.
„Што да кажам? Него го немаше. Направивме срцева реанимација, тоа беше срцев застој. Бевме многу блиску да го загубиме? Не знам“,
вели Боесен.
Лекарот не соопштува детали бидејќи вели дека тоа треба да го кажат експертите.
„Јас не сум кардиолог, затоа деталите за тоа што се случило ќе оставам да ги соопштат експертите“,
рече тимскиот доктор.
Ериксен (29) колабираше во неделата кога во 42. минута од натпреварот одеднаш падна на теренот во близина на аут-линијата. Потресните сцени од стадионот во Копенхаген ја шокираа јавноста, а во одреден период не се знаеше и дали фудбалерот е жив. На крајот, трагедијата беше избегната откако по половина час борба за живот Ерискен беше пренесен во болница во свесна состојба, а УЕФА се огласи дека неговата состојба е стабилна.
Натпреварот беше прекинат и продолжи речиси два часа подоцна, на барање на фудбалерите од обете репрезентации, откако информациите за здравствената состојба на Ериксен беа позитивни.