„Проблемот не се автопатите сами по себе. Проблемот е што оваа владата секојдневно се задолжува. Наместо да го намалува долгот, таа го зголемува, додека во исто време најавува нови големи проекти“, се вели во партиското соопштение

Оваа влада ќе биде запаметена по проектот „Македонија до просјачки стап“, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во соопштение во кое ја критикува власта предводена од Христијан Мицкоски обвинувајќи ја за неконтролирано зголемување на јавниот долг и водење политика која ја води земјата кон изолација.
Од партијата тврдат дека и покрај владините најави за големи инфраструктурни проекти, реалноста покажува ризици за граѓаните.
Според опозицијата, јавниот долг на државата веќе надминал 11 милијарди евра, при што за две години актуелната владина коалиција направила нови задолжувања во износ од 2,5 милијарди евра. Како пример за неповолни финансиски аранжмани, од СДСМ ги посочуваат унгарскиот заем од една милијарда евра, како и новиот заем од 260 милиони евра од странски банки.
„Проблемот не се автопатите сами по себе. Проблемот е што оваа Владата секојдневно се задолжува. Наместо да го намалува долгот, таа го зголемува, додека во исто време најавува нови големи проекти“,
се вели во соопштението на СДСМ.
Од партијата потенцираат дека паралелно со економското задолжување, надворешната политика на Владата го блокира европскиот пат на земјата и ги влошува односите со соседите.
„Со блокираниот европски пат и со влошените односи со соседите, Македонија станува земја во која сè помалку луѓе ќе доаѓаат и од која сè помалку граѓани ќе патуваат“,
додаваат од СДСМ.
Според нив, во услови на меѓународна изолација, најавените автопати ќе останат празни бидејќи, какао што велат, ќе нема кој да ги вози.
Од СДСМ додаваат и дека реториката и моделот на владеење на премиерот Мицкоски се директна копија на српскиот претседател Александар Вучиќ, каде додека се најавуваат големи инфраструктурни најави државата се задолжува, економијата стагнира, а граѓаните осиромашуваат.
Од тие причини, опозицијата заклучува дека оваа власт нема да остане запаметена по развој, туку по доведување на државата до, како што велат, „просјачки стап“.
Од СДСМ и денеска на комисиска расправа во Собранието за ребалансот на Буџетот алармираа дека тој ги потврдува нивните првични предупредувања за лошо планирање на приходната страна, што на крајот ќе резултира со нов долг на грбот на стопанството и граѓаните.
Пратеникот Благој Бочварски рече ребалансот на Буџетот за 2026 година е уште една потврда за погрешните економски политики на Владата.
Тој посочи дека животот станува сè поскап, додека Владата не презема мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
