Официјалниот став на опозициската партија доаѓа откако лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во интервју рече оти би направиле компромис со гласање на дијаспората преку поштенски пат, само доколку биде прифатен нивниот услов за воведување една изборна единица
По изјавите на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, оти би биле согласни за одреден компромис во однос на барањата за гласање на дијаспората на избори во земјава, односно оти би се согласиле на прифаќање на ова барање, само доколку тоа се направи преку поштенски пат и доколку важи само за претседателски избори, но со услов да се воведе една изборна единица, реакција и официјален став пристигна од Демократската унија за интеграции (ДУИ).

Оттаму велат оти во врска со гласањето на дијаспората ставовите и гледиштата на политичките партии биле разгледувани и одредени во форма на прифатено решение за електронско гласање и оти гласањето по пошта е предлог кој доаѓа надвор од разговорите кои претходно ги имала работната група. Став имаат и за барањето во земјава да има една изборна единица, наместо досегашните шест.
„Во врска со една изборна единица, да, но само со праг од пет отсто од вкупно запишаните избирачи и со отворени листи, кумулативно трите услови“,
велат оттаму.
Претходно, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, рече оти е подготвен на политички договор со власта околу измените на Изборниот законик, под строг услов, кој според него би значело прифаќање на гласање по пошта за дијаспората, но само доколку се изгласа една изборна единица.
