Главен проблем е тоа што сè уште нема вакцина за да може да се дозволи групирање на спортистите и на публиката
Олимписките игри во Токио се одложени за 2021 година, но, според голем број експерти, нивно одржување дури и следното лето не е сосема сигурно. Како причина за тоа се наведува податокот дека се уште нема вакцина за да може да се дозволи групирање на спортистите и на публиката.
Според американскиот епидемиолог Зак Бини од универзитетот „Емори“, одржувањето на Олимпијадата би претставувало настан од „единствен ризик“.
„Кога зборуваме за враќање на спортот на полни стадиони, секогаш мислам дека тоа може да се случи само кога ќе имаме вакцина. Секој што се приклучува на поголема група го зголемува ризикот. Стадион со десетици илјади луѓе на трибините е неверојатно висок ризик од ново масовно ширење на инфекцијата,
вели Бини, кој очекува создавањето на вакцината да одземе уште една и пол година.
Поголем оптимист е Џејсон Киндрачук, експерт за заразни болести на Универзитетот во Манитоба во Канада. Тој верува дека вакцината ќе се создаде во текот на следната година, но исто така вели дека е малку веројатно дека натпреварите би можеле да се одвиваат нормално следното лето.
„Вакцинацијата на сите ќе ги стави здравствените системи на граница. Вакцината мора да се стави не за време на игрите, туку неколку месеци порано за да може да се изградат антитела“,
рече Киндрачук.
Најголем песимист за одржување на ЛОИ во Токио е јапонскиот професор Кентаро Ивата од универзитетот „Коби“. Според него, земјата може ќе ја контролира инфекцијата, но тоа нема да важи за сите земји низ целиот свет.
„Мислам дека Олимпијадата нема да се одржи следната година. Дури и ако Јапонија се справи со коронавирусот и го контролира неговото ширење, не мислам дека ситуацијата ќе биде иста во сите земји во светот“,
вели Ивата.