Откако положи заклетва, Барнам беше пречекан со извици додека позираше за фотографирање со околу 200 пратеници од Лабуристичката партија

Енди Барнам положи заклетва како пратеник за Мејкерфилд неколку часа откако Кир Стармер објави оставка како лидер на Лабуристичката партија, пренесуваат британските медиуми.
Додека влегува во Долниот дом, Барнам е пречекан со овации од Лабуристите, движејќи се низ салата, неколку пати ја наведна главата насмевнувајќи се на поздравите од пратениците што го поддржуваат, пишува Би-би-си.
Пратениците, пак, од опозицијата го исмејуваа Барнам, извикувајќи „Рим е спасен“, „тој не е месија“. Барнам, според Би-би-си, добро го издржал тоа и во еден момент осврнувајќи се на „Животот на Брајан“ од Монти Пајтон, шегувајќи се „Јас сум само палаво момче“ се обратил кон еден пратеник.
Откако положи заклетва, Барнам беше пречекан со извици додека позираше за фотографирање со околу 200 пратеници од Лабуристичката партија.
Барнам го извади телефонот и направи селфи со пратениците, обидувајќи се да ги собере сите на една фотографија.
Освен Барнам, денеска зајклетва положија Даглас Ламсден, кој победи на дополнителните избори во Абердин Југ, и Лара Берд – која ги држеше Арброт и Броути Фери за Шкотската национална партија.
Инаку, денеска британскиот премиер Кир Стармер објави дека поднесува оставка од премиерската и од функцијата лидер на Лабуристичката партија. На прес-конференцијата на Даунинг стрит одржана денеска, Стармер рече дека утринава разговарал со кралот Чарлс Трети и го информирал за својата одлука.
Стармер побара од Националниот извршен комитет на Лабуристичката партија да одреди временска рамка за избор на нов лидер, при што апликациите за кандидати треба да бидат отворени на 9 јули, а процесот треба да биде завршен до летната пауза на парламентот. Ова значи дека нов лидер ќе биде избран пред Парламентот повторно да почне со работа во септември. Дотогаш, рече тој, ќе остане на функцијата премиер.
Вчера, британски „Гардијан“ пишуваше дека Стармер ќе се повлече од функцијата премиер по огромниот притисок од пратениците на Лабуристите да му се отстапи место на Енди Барнам да стане нивни лидер.
Премиерот и неговите сојузници со недели инсистираа дека ќе се борат против лидерскиот предизвик од Барнам или од кој било друг, пред дополнителните избори во Мејкерфилд, на кои Барнам обезбеди враќање во Вестминстер.
Со заминувањето на Стармер, Велика Британија може да го добие својот седми премиер за 10 години, само две години откако тој ги предводеше Лабуристите до убедлива победа на општите избори, освојувајќи мнозинство од 174 пратеници повеќе од другите партии.
