Освен од премиерската, Кир Стармер рече дека се повлекува и од функцијата лидер на Лабуристичката партија и додаде дека го слушнал одговорот на партиското членство во врска со ова прашање и го прифатил со достоинство и со добра волја
Британскиот премиер Кир Стармер објави дека поднесува оставка од премиерската и од функцијата лидер на Лабуристичката партија. На прес-конференцијата на Даунинг стрит одржана денеска, Стармер рече дека утринава разговарал со кралот Чарлс Трети и го информирал за својата одлука.

„Ќе поднесам оставка од функцијата лидер на Лабуристичката партија“,
рече Стармер.
Во обраќањето до јавноста, Стармер рече дека Лабуристичката партија се соочува со дилеми дали тој е најдобрата личност да ја предводи партијата на следните парламентарни избори. Додаде дека го слушнал одговорот на членството во врска со ова прашање и го прифатил со достоинство и со добра волја.
Тој го опиша станувањето премиер како момент што го прифатил со гордост и додаде дека секоја одлука што ја донел во текот на мандатот се темелела на тоа да ја стави земјата што ја сака на прво место.
Стармер побара од Националниот извршен комитет на Лабуристичката партија да одреди временска рамка за избор на нов лидер, при што апликациите за кандидати треба да бидат отворени на 9 јули, а процесот треба да биде завршен до летната пауза на парламентот. Ова значи дека нов лидер ќе биде избран пред Парламентот повторно да почне со работа во септември. Дотогаш, рече тој, ќе остане на функцијата премиер.
Додаде дека ќе направи сè што може за да обезбеди уредно предавање на власта и дека ќе му ја даде целосната поддршка на својот наследник. Говорот го заврши емотивно велејќи дека сега ќе се посвети на своето семејство.
