Емил Јакимовски заврши во притвор – освен на новинарските, континуирано се заканувал и на бившата споруга
Заканувачот Емил Јакимовски заврши во притвор. Судија на претходна постапка, по барање на обвинителството му определи мерка притвор во траење од осум дена.
Времетраењето на пртворот е од причина што станува збор за итна постапка.
Обвинител од ОЈО Скопје барал ваква мерка поради опасноста од бегство, можноста повторно да се заканува или да ги реализира заканите кои ги упатувал изминатиот период.
Против Јакимовски се поднесени две кривични пријави со кои се опфатени три кривични дела.
Првата се однесува на загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство и на неизвршување на судска одлука.
„Тој, како поранешен сопруг на една оштетена, во периодот од декември 2019 година до 16 јануари 2020 година и ја загрозил сигурноста со сериозна закана дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело и врз животот и телото на нејзино блиско лице. Притоа, тој не го почитувал Решението на Основниот граѓански суд Скопје со кое била издадена наредба – Привремена мерка за заштита на правата на оштетената од семејно насилство, односно и покрај судската забрана постојано психички ја вознемирувал и и се заканувал“
информираат од обвинителството.
Втората пријава е за загрозување на сигурноста по пат на информатички систем и таа се однесува на заканите кои Јакимовски во период од ноември лани до јануари годинава ги упатувал кон две оштетени дека ќе изврши кривично дело убиство.
„Заканите ги упатувал преку СМС пораки и мобилни апликации, па оштетените се почувствувале дека им е загрозена личната и сигурноста на нивните семејства“,
наведуваат од обвинителството.
За потсетување, во понеделникот закани од Јакимовски пријави новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска.
На закани од него, кои исто така биле пријавени во полиција, се пожалија и од Централниот регистар, каде Јакимовски беше вработен. Тој упатувал закани кон директорката на оваа институција, Марија Јанковска-Бошковски и кон вработени.
Минатиот викенд тој доби отказ поради нарушување на угледот на институцијата.
Тогаш беше хакирана и фејсбук-страницата на Централниот регистар, од каде што објавија дека се сомневаат дека зад тоа стои токму Јакимовски, кој ја креирал страницата уште пред 10 години кога бил раководите на Одделението за маркетинг и односи со јавност.
*Поврзани вести:
ОЈО бара притвор за Емил Јакимовски, осомничен е за три кривични дела
Заканувачот Емил Јакимовски е приведен поради семејно насилство
Заканувачот Емил Јакимовски доби отказ од Централниот регистар
Јакимовски се заканувал и на уредничка во Алфа, ССНМ реагира
Хакирана фејсбук-страната на Централниот регистар – сомнежи дека хакерот е заканувачот Јакимовски
Чулев: Ќе настојувам да се расветлат сите закани и насилства кон новинарите